Од филтри до хаштагови: 5-те основни непишани правила за Инстаграм
Во октомври 2011 година се појави брилијантна и едноставна апликација која никој не веруваше дека ќе има толку големо влијание врз нас. 5 години подоцна, со 300 милиони активни корисници, Инстаграм целосно го промени начинот на кој го споделуваме нашиот живот. Оваа апликација стана универзален и интегрален дел од нашите секојдневни животи, па токму затоа погледнете ги и 5-те основни правила кои треба да ги знаете за нејзиното користење со цел да бидете поуспешни…
1. Не објавувајте повеќе од една фотографија на ден
Ова е можеби најважното, како и најшироко прифатеното правило на Инстаграм. Едноставно не постои причина поради која би требало да објавувате повеќе од една фотографија дневно. Вие би можеле да го направите тоа, бидејќи апликацијата ви дозволува, но големи се шансите дека ќе добиете сериозно осудување од вашите следачи. Целта на Инстаграм е да го сумирате вашето искуство од денот во само една фотографија.
2. Треба да постои одреден размер помеѓу оние кои ги следите и оние кои ве следат вас
Доколку следите 1.000 луѓе, од кои само 70 ве следат вас, тогаш можеби би требало да размислите за фотографиите кои ги објавувате. Ако сакате да имате успешен профил на Инстаграм треба да објавувате фотографии кои ќе ги тераат луѓето да притиснат на срцето под нив. Исто така постои непишано правило дека би требало да следите 100-тина профили помалку од бројката на оние кои ве следат вас, но сепак тоа е индивидуално во зависност од начинот на кој го користите вашиот профил.
3. Срце за срце
Ова правило наједноставно може да се објасни со добивање на она што вие го давате. Доколку им ставате срценца на фотографиите на оние кои ги следите, големи се шансите дека и вие ќе добиете срце од нив. Токму затоа ако сакате да имате повеќе лајкови на вашите фотографии, треба и вие да лајкувате што е можно повеќе фотографии. Исто така не се воздржувајте ни со коментарите, тие се најдобар начин да им покажете на луѓето дека и вие сте на Инстаграм.
4. Хаштагови
Она што мора да го запомните е дека не треба да претерувате. Вие можеби нема да ги изгубите пријателите на овој начин, #но #дефинитивно #ќе #изгубите #следачи. Ставањето хаштаг на секој збор не само што не изгледа добро, туку и нема смисла. Одберете еден до два збора кои добро ја опишуваат вашата фотографија (#љубов е кога ме буди со кафе) или пак, само една изрека споена под еден хаштаг, со или без дополнително објаснување (#облеканаденот). Исто така ако пишувате на македонски користете кирилица, а за англиските описи секако, латиница.
5. Без филтер
Филтрите се користат толку многу што дури постои и хаштаг кој ве охрабрува да не го правите тоа. Станува збор за #безфилтер (#nofilter). Но, иронијата е дека повеќето фотографии објавени под овој хаштаг се всушност со неколку слоеви филтри, направени со цел фотографијата да изгледа природно. На овој начин вие се залажувате само себеси и никој друг. Токму затоа ако решавате да го користите овој хаштаг, не користете никаков вид филтри, без разлика дали ви се од апликацијата за фотографирање или пак, од самиот Инстаграм.