Невролозите откриваат: Зошто коњското опавче предизвикува главоболка?
Многу девојки ги обожаваат коњските опавчиња бидејќи се едноставни, брзи и изгледаат одлично во случај да не сте ја измиле косата. Меѓутоа, на крајот од денот создаваат неподнослива болка што може да предизвика мигрена. Честопати слушаме дека треба да се трпи за убавина, но зошто нешто толку секојдневно како што е коњското опавче треба да претставува толкава жртва?
Неврологот Денис Чоу, која специјализирала во областа на лечење главоболки, го има одговорот на ова прашање. Според неа, многу често луѓето кои имаат главоболка додека носат коњско опавче веќе имаат проблеми со мигрена.
„Многумина не знаат дека имаат мигрена, бидејќи таа честопати не е дијагностицирана. Се јавува кај 18% од жените. Ова нарушување доведува до хиперсензитивност, што предизвикува нервите околу лицето и скалпот да станат многу чувствителни на површината“, објаснува Чоу.
Имено, луѓето мислат дека доживуваат болка од нешто што воопшто не ја предизвикува истата.
„Кога ја врзувате косата во цврста пунџа или коњско опавче, тоа ги повлекува нервите на скалпот. Токму тоа повлекување на нервите уште повеќе ги активира сензорните нерви што доведува до главоболка. Овој феномен се нарекува ‘cutaneous allodynia’. Врзувањето на косата не би требало да биде болно. Но, може да се смета за болно за време на напад на мигрена. Дури и да немате проблем со мигрени, секој може да доживее болка предизвикана од коњско опавче поради повлекувањето, тензијата и истегнувањето што ги активира сензорните врвови на тие нерви“, изјавува неврологот.
Тоа не значи дека треба пиете апчиња секогаш кога ќе почувствувате болка во главата, бидејќи можно е да почне да ви се јавува главоболка како последица од претераната употреба на лекови.
„Доколку користите апчиња против главоболка повеќе од 10 денови во месецот, тоа може да ги влоши главоболките со тоа што ќе ја зголеми активноста на рецепторите за болка“, предупредува Чоу.
Терапиите се разликуваат во зависност од пациентите, но досега како најефикасни се покажале додатоците во исхраната што содржат рибофлавин, Б2 витамин и магнезиум. Сите тие ја стабилизираат хиперсензитивноста на мозокот.
Според Чоу, наједноставниот лек е да одбегнувате цврсти пунџи, коњски опавчиња и венчиња. Доколку сепак сте љубител на таквите фризури, барем гледајте да не ги носите секој ден.