Несекојдневна шума израсната во напуштен брод стар 102 години
„Ерфилд“ е еден од многуте напуштени бродови на заливот Хоумбуш Беј во Нов Јужен Велс, Австралија. Но, она што го двои од останатите, е неверојатното зеленило кое го кити за’рѓаниот бродски труп. Прекрасниот спектакл на природата кој е познат под името „Пловечката шума“ внесува еден нов живот во ова место, кое на некој начин претставува гробишта за стари бродови.
Масивниот челичен ѕвер тежок 1.140 тони, е изграден во далечната 1911 година во Велика Британија, а бил регистриран во Сиднеј во 1912 како брод кој превезува камен јаглен. Подоцна бил користен за транспортирање на разни добра за американската војска стационирана во пацифичкиот регион во текот на Втората светска војна. Бродот потоа продолжил да служи како преносител на јаглен од Њукасл до крајната станица во Милер, во Блекватл Беј.
Во 1972 година бродот „SS Ayrfield“ бил конечно пензиониран и испратен во Хоумбуш Беј – место коешто служи за откупување отпадни материјали од бродови. И покрај тоа што многу бродови биле демонтирани, сепак има уште 4 метални бродски тела постари од 75 години кои сѐ уште пловат во заливот, но ниеден од нив не е обвиткан од мајката-природа како што е Ерфилд. Бродот постојано го привлекува вниманието на посетителите со својата грандиозна појава, сочинета од бујните дрва ризофора во него.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.