Неколку одлични, но недовршени литературни дела
Автор: Петар Џајковски
Многу од лауреатите на светската литература пишувале сè до својата смрт. Тоа значи дека пишувале и на последниот ден од нивниот живот, што е малку незгодно кога се работи за нешто што мора да биде завршено. Тие во фиока оставиле една помала група опасни, но недопишани приказни. Еве дел од нив.
„Кублај Кан“ – Самуел Тејлор Колериџ („Kubla Khan“ – Samuel Taylor Coleridge)
Во предговорот на оваа поема Колериџ објаснува како еден летен ден заспал седејќи на стол под влијание на опиум и ги сонувал стиховите на оваа поема. Кога се разбудил се фрлил над хартија и брзо и нетрпеливо ја пренесувал визијата како хипнотизиран. За жал во магичното пишување го прекинал фамозниот човек од Порлок кој го задржал саат или два. Кога Колериџ се вратил во својата соба со намера да продолжи да пишува, сфатил дека освен неколку расфрлани слики и стихови (а сонувал околу 200-300 стихови) сè друго му испарило од глава.
„Рајската градина“ – Ернест Хемингвеј (Ernest Hemingway – „The Garden of Eden“)
Хемингвеј бил вистински боем, а оваа етикета подразбира голема љубов кон чашката (онаа полната). Па не можеме да бидеме сосем сигурни дека неговата Рајска градина не била едноставно заборавена во виорот на алкохолот. На овој роман работел повеќе од петнаесет години и за тоа време објавил дури три други дела: „Старецот и морето“, „Опасното лето“ и „Подвижна гозба“.
„Бледиот Крал” – Дејвид Фостер Волас („The Pale King” – David Foster Wallace)
Дејвид Фостер Волас е модерен американски писател, автор на романи, есеи и кратки приказни, добитник на многу награди и, постхумно, финалист во трката за Пулицер. Огромната армија фанови беше разочарана во 2008, кога Дејвид си го одзеде својот живот по долги години тешка депресија. Го остави својот последен роман на околу 500-тина страници и изјави непосредно пред крајот на својот живот дека тоа е само една третина.
„Мистериозниот странец“ – Марк Твен („The mysterious stranger“ – Mark Twain)
Халеевата комета го донесе на овој свет и после 75 години повторно го зеде со себе, за да бидат „двајцата“ неодговорни „чудаци“ на кои не може да се смета. Марк Твен е генијалец, тука нема многу полемики. Таткото на Том и Хаклбери работел на три различни верзии од овој роман, и како што претпоставувате ниту една не е завршена.
„Љубовта на последниот Тајкун“ – Френсис Скот Фицџералд („The love of the Last Tycoon“ – Francis S. Fitzgerald)
Френсис Скот Фицџералд е еден од најголемите американски писатели на претходниот век. Неговиот роман „Големиот Гатсби“ (The Great Gatsby) се смета за модерен класик и претставувал пример и инспирација за подоцнежната генерација американски писатели. Неговиот последен роман „Љубовта на последниот Тајкун“ го оставил недовршен во тетратки, тефтери и голем број белешки на листови хартија, на кои пишувал за ликовите, дејствата итн. Со помош на многубројните расцепкани белешки, Метју Бруколи во 1993 успеал да го заврши овој роман, насловот го пронашол во една од тетратките, испишан со големи букви и заокружен.
„Мистеријата на Едвин Дрод“ – Чарлс Дикенс (Charles Dickens – „The Mystery of Edwin Drood“)
Дикенсовиот петнаесетти и воедно последен роман не можел да има подобар крај. Како и повеќето книги од тој период и оваа била објавувана во месечно списание поделена во 12 делови. Читателите останале со кренати раце кога дознале за неговата смрт. Пред да добие срцев удар, Дикенс успеал да напише 6 продолженија, па приказната е отприлика завршена до пола. Мистеријата на Едвин Дрод останува мистерија засекогаш…Обидите да се завршат дел од овие приказни се многубројни, но ниеден не е целосно успешен. Дури и да успееме да ги отплеткаме конците така како што овие големи умови планирале, никогаш нема да знаеме дали е тој вистинскиот начин да се комплетира кој било од овие паралелни светови. Овие приказни можеле да бидат големи и значајни, но за жал не се. Но сепак, има нешто во нив што ги прави посебни. На еден по малку чуден начин тие ни ги откриваат последните летови на фантазијата на големите писатели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.