Неколку цитати по кои ќе го паметиме Дејвид Боуви
Денес, на 69-годишна возраст почина Дејвид Боуви, еден од највпечатливите и најмаркантните музичари во историјата. Човекот камелеон кој знаеше да се приспособи на секоја музичка ера и кој секогаш во себе откриваше нови длабочини и вистини ја изгуби борбата со ракот и почина мирно, опкружен со своето семејство.
Кралот на драмата, на 8 јануари, токму на денот на неговиот 69-ти роденден го објави својот последен студиски албум „Blackstar“, кој на некој начин беше и неговиот тестамент преку кој суптилно го најави своето повлекување од врвот на музичката сцена. Врв, наследство, недопирливост, кои тешко ќе бидат надминати од кој било друг. Вселената отсекогаш беше неговиот вистински дом. Во продолжение прочитајте неколку негови цитати по кои вечно ќе го паметиме.
„Не знам каде ќе заминам од овде, но ветувам дека нема да биде здодевно.“
„Вистината е дека не постои патување. Сите ние пристигнуваме и заминуваме во исто време.“
„Отсекогаш имав одвратна потреба да бидам нешто повеќе од човек.“
„Јас сум инстант ѕвезда. Само додајте вода и промешајте.“
„Снимив повеќе од 25 студиски албуми и мислам дека два од нив се навистина лоши, некои добри, а некои се навистина одлични албуми. Горд сум на тоа што го постигнав. Всушност, животот беше добро возење.“
„Јас не сум пророк, ниту пак човек од каменото доба. Јас сум само смртник со потенцијал да стане супермен. Живеам понатаму.“
„Сакав да ја докажам постојаната моќ на музиката.“
„Од друга страна пак, она што го сакам од мојата музика е да ги разбуди духовите во мене. Не демоните, сфаќате, туку духовите.“
„Не сум лојален кон ниту еден музички стил. Затоа луѓето мислат дека постојано се менувам. Но, постои вистински континуитет во мојата тематика. Како вешт уметник верувам дека имам поголем интегритет од сите мои современици.“
„Како што стареете, сѐ се сведува на две или три прашања. Колку долго? И што да правам со времето што ми преостанува?“
„Ако добро размислите, Адолф Хитлер беше првата поп ѕвезда.“
„Јас сум само една индивидуална личност и не чувствувам потреба некој да ја ограничува или квалификува мојата работа на каков било начин. Јас работам за себе.“
„Верувам дека секогаш го извлекувам најдоброто од талентите на другите.“
„Никогаш не сум одговарал добро на конзервативното негативно размислување.“
„Претпоставувам дека за мене, како уметник, не ми беше секогаш важно само да ја претставам мојата работа пред светот; Јас навистина сакав, повеќе од сѐ останато, да придонесам за културата во која живеев. Ми изгледаше како предизвик да ја придвижам во правец кој мене ми се чинеше интересен.“