Не е само мит: „бесмртниот костум“ во кинеската историја како гаранција за вечен живот
Жадот бил отсекогаш еден од најскапоцените камења во историјата на Кина, а доказ за тоа се токму посмртните костуми изработени од жад. Познат уште како и „скапоцен кралски камен“, тој бил симбол на моќта и богатството во античка Кина. Неговите први производствени центри биле формирани по должината на реката Јангце.
Жадот бил високо ценет како за изработка на предмети чија намена била претежно од естетски карактер, така и за изработка на предмети кои се користеле за култни цели. Уште од времето на неолитот, каменот го имал истото значење како и златото во Европа, а својата најголема слава ја достигнал за време на владеењето на династијата Хан.
Така, од 202 п.н.е., кога династијата Хан ја презела власта, жадот станал доминантен камен во изработката на предмети. Овие предмети познати по својата убавина и квалитетот на изработка, се карактеризирале со животински и геометриски мотиви.
Токму поради цврстината и издржливоста, Кинезите го поврзуваат жадот со душата. Со векови кинеските митови и легенди го претставуваат како каменот на бесмртноста.
Според религиозните верувања за време на владеењето на династијата Хан, душата на секој човек е составена од два дела, душа што патува во рајот и душа што останува на земјата и чека да се соедини со другиот дел благодарение на разноразните обреди и ритуали.
Со текот на времето, меѓу владетелите на оваа династија станало популарно користењето посмртни костуми украсени со жад. Илјадниците каменчиња од кои биле изработувани костумите имале за цел да му „обезбедат“ бесмртност на владетелот во задгробниот живот. Според научниците, биле потребни повеќе од 10 години за изработка на овие костуми, а многу фактори зависеле и од статусот на самиот покојник.
Така, на пример, царските костуми се шиеле со златен конец, а аристократите од понизок ранг се задоволувале и со свила. Се чини дека „правото на бесмртноста“ им припаѓало само на членовите на високата класа, додека за другите тоа било недостижно.
Откако прочитавте за историјата на бесмртните костуми, можеби ќе сакате да прочитате и за чудни методи против стареење и начини на постигнување бесмртност од минатото.
Извор: nationalgeographic.rs