„Не бев фер кон сопругот...“

„Не бев фер кон сопругот…“

Недостатокот на комуникација и емпатија е една од главните причини поради која многу брачни парови имаат проблеми и просто е неверојатно поради какви сè мали работи можат да дојдат на работ на голем конфликт. И ова е една таква приказна, но овој пат сопругата сфатила што е тоа што му се заканува на нејзиниот брак и тоа го претворила во момент кој е пресвртница во работите.

„Не бев фер кон сопругот...“

Сфатив што се случува еден ден кога тој донесе едно пакување месо за бургери. Му реков да оди до продавницата да купи нешто за вечера и кога се врати дома ја остави кесата на масата. Почнав да ги вадам работите од кесата и видов дека купил 70/30 месо, што значи дека тоа е 70% месо и 30% масти.

„Што е ова?“ – го прашав.

„Месо за бургери“ – одговори тој збунето.

„Не си купил од тоа што требаше“ – му возвратив.

„Навистина?“ – продолжи тој збунето. „Требаше да купам од некој посебен бренд?“

„Не сфаќаш. Си купил 70/30, а јас секогаш купувам барем 80/20“ – му реков.

„А, тоа ли е? Јас пак помислив дека навистина сум утнал нешто“ – возврати тој.

Така почна сè. Му се нафрлив. Го искарав затоа што не бил паметен. Зошто не ја избрал поздравата опција? Зарем не ја прочитал етикетата? Зарем не можам да му верувам? Треба ли сè да му објаснувам за да направи работите како што треба? А во врска со она што ме налути, не можеше ли да биде повнимателен? Зарем не видел што купувам постојано? Обрнува ли внимание на тоа што правам?

Додека седеше и ги примаше ударите од мојата справедлива огорченост и мрмореше нешто од типот „не забележав“, „не е тоа голема работа“ или „следниот пат ќе ти купам од тоа што треба“, забележав дека почна да го добива оној израз на лицето кој многу пати го забележував кај него во последно време. Тоа беше комбинација од помирување и деморализираност. Ме гледаше исто како нашиот син кога очекува казна. Тогаш нешто ме допре. Зошто го правам ова? Па не сум јас негова мајка.

Одеднаш се почувствував ужасно. И засрамено од самата себе. Тој имаше право. Тоа не беше нешто од кое требаше да бидам навредена и гневна. А јас бев токму таква поради пакет месо за бургери кој тој го купи од продавница затоа што јас го побарав тоа од него. Ако имав некои посебни барања, требаше да му го кажам тоа и да бидам појасна. Не знаев како да се извадам од овој непријатен разговор без да покажам непостојаност, па само промрморив: „Па добро, ќе јадеме од овие. Ќе почнам да ја правам вечерата.“

Зборувам за сопруг со кој сум повеќе од 12 години. Истиот оној кој менуваше гума на мојот автомобил на дожд, оној кој ги научи децата да возат велосипед, кој остана цела ноќ во болница покрај мене кога бев болна и кој работи напорно за да го издржува семејството. Тој знае како да го смени маслото на автомобилот и да го преинсталира оперативниот систем на компјутерот. Крева работи кои се претешки за мене, ги отвора теглите и го чисти снегот пред куќата. Знае и да постави вентилатор и да го поправи тоалетот кога ќе се расипе. Јас не знам да правам ништо од овие работи. И пак му пререкувам ако некоја чинија не ја стави баш таму каде што ѝ е местото. Тој е добар човек кој прави многу за мене и не треба да биде вознемируван поради некои ситни работи кои не се толку важни.

За партнерство се потребни двајца. Никој не е секогаш во право и никој не греши постојано. И не треба да постапуваш според онаа „око за око“ во секоја ситуација. Тоа не те прави ниту попаметен, ниту супериорен, ниту ти дава право да се лутиш за секоја ситница која не ти се допаѓа кај него. Дами, запомнете, тоа беше само месо за бургери.

„Не бев фер кон сопругот...“

Што можеме да научиме од ова?

Недостаток на комуникација

Ова е најчестата причина која предизвикува ситуации како оваа опишана погоре. Таа можела мирно и фино да праша зошто купил од ова, а не од она месо. Сопругот ќе одговорел и ќе се договореле следниот пат да купат од она подоброто. Без караници и без претходно формирање мислење дека тој е невнимателен или слично.

Ситниците создаваат непотребни конфликти

Зарем вреди да дојде до конфликт поради тоа што им даваме неоправдана важност на некои ситници? Караниците околу ситниците можеби се знак дека недостасува комуникација и само чекате да ја истурите лутината поради некој друг проблем. Ако е тоа случај, разговарајте за вистинскиот проблем. Неоправданиот и непотребен конфликт околу ситниците ќе направи да изгледате како неправична личност.

Ставете се во негова кожа

Дури да не внимавал, можеби мислел на нешто поважно па ги превидел податоците на етикетата. Запрашајте се што го тера партнерот да постапува така како што постапува. Во овој случај, едниот е во продавница сметајќи дека е добар сопруг кој купува нешто што му го порачала сопругата, а таа смета дека тој не внимавал што купувал. Ставањето во кожата на другиот пред да се направат какви било претпоставки се добра стратегија за надминување на овие непотребни проблеми кои произлегуваат од недоразбирање и ништо друго.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар