Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Без разлика дали станува за неформален поздрав или романтичен гест, бакнувањето е едно од човечките однесувања за кое не постои точно објаснување зошто се случува. Бакнежот има толку многу употреби! Луѓето ги бакнуваат коцките за среќа, ја бакнуваат земјата по бурното пловење со брод, им делат бакнежи во воздух на познајниците и се бакнуваат со јазик со луѓето кои ги привлекуваат физички. Сите овие видови бакнежи имаат различно значење, но многу се слични по природа. Па, зошто обожаваме да бакнуваме?

Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Бакнувањето не служи само за покажување љубов. Филематолозите, научниците кои ги проучуваат бакнежите, не се баш сигурни зошто луѓето воопшто започнале да се допираат со усните. Најверодостојна е теоријата дека бакнежите потекнуваат од мајките примати кои им пренесувале изџвакана храна на нивните беззабни бебиња. Допирот со усни продолжил да се практикува понатаму низ еволуцијата не само како начин на преживување, туку и како начин на покажување блискост и љубов.

Меѓутоа, бакнувањето претрпело големи промени од времето кога служело за пренесување на изџвакана храна па сѐ до денес. Сега се верува дека бакнежите пренесуваат важни информации. Бакнувањето поврзано со љубовните врски ни помага да одбереме добар партнер, праќа хемиски и сигнали и ја негува долгата врска. Сето ова е многу важно за главната цел на еволуцијата, а тоа е успешното размножување.

Бакнувањето ни дозволува да се зближиме со партнерот доволно за да добиеме пристап до некои негови важни карактеристики кои не би можеле да ги откриеме на свесно ниво. Дел од оваа размена на информации е поттикнат од страна на феромоните, хемиски сигнали што животните ги пренесуваат меѓу себе за да испратат порака. Познато е дека животните ги користат феромоните за да ги предупредат останатите за некаква опасност, за да ги одведат до извор на храна или како повик за парење. Истражувачите претпоставуваат дека феромоните исто така играат улога и во човечкото однесување.

Иако вомероназалните органи, кои се одговорни за препознавање на феромоните и мозочната функција кај животните, се сметаат за неактивни кај луѓето, неодамнешните истражувања покажуваат дека и ние комуницираме преку хемикалии.

Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Првото истражување кое покажало дека хемиските сигнали играат улога во одбирањето партнер било спроведено од страна на Клод Ведекајнд пред околу 10 години. Жените мирисале носени машки маици и откривале кои маици имаат најдобар мирис според нив. Преку споредба на женската и машката ДНК, истражувачите дознале дека жените не го одбрале омилениот мирис по случаен избор. Тие го претпочитале мирисот на мажите чиј главен хистокомпатибилен комплекс (МХК), низа од гени од кои зависи имуниот систем, бил поразличен од нивниот.

Различниот МХК подразбира поголеми шанси за здрави деца. Бакнувањето е суптилен начин на кој жените можат да ја проценат имуната компатибилност на потенцијалниот партнер пред да вложат време и енергија во него. Можеби, лошиот прв бакнеж не е последица од нервозата, туку од недостатокот на хемија.

Мажите се несмасни, а жените се пребирливи кога станува збор за бакнувањето

Бихевиоралните истражувања ја поддржале оваа теорија. Во 2007 година, истражувачите од Универзитетот во Албани испитале 1.041 студенти и откриле дека постојат значителните разлики меѓу машката и женската перцепција за бакнувањето. Имено, жените му придаваат поголемо значење на бакнувањето и речиси никогаш не би имале секс без да се бакнат прво. Од друга страна, пак, мажите би имале секс без да се бакнат претходно. Тие исто така би имале секс со жена која не се бакнува добро.

Со оглед на тоа што жените се попребирливи во изборот на партнер, овие разлики во концептот за бакнувањето имаат логика. Освен тоа, мажите се најчесто тие кои иницираат француски бакнежи, а истражувачите претпоставуваат дека тоа е така затоа што плунката содржи тестостерон и го зголемува либидото. Истражувачите исто така мислат дека мажите можат да го проценат нивото на естроген кај жената што е знак за плодност.

Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Зошто толку обожаваме да се бакнуваме и гушкаме?

Бакнувањето не служи само како „алатка“ за одбирање партнер. Тоа исто така ни помага да се чувствуваме подобро. Ова се случува бидејќи бакнувањето ослободува хемикалии што го подобруваат расположението, а тоа го намалува стресот и нѐ зближува со луѓето.

Венди Хил и нејзините колеги се обиделе да откријат како окситоцинот (хормон што игра улога во зближувањето и приврзаноста) и кортизолот (стрес хормон) се менуваат по бакнувањето. Како пример земале еден љубовен пар во долга врска и забележале дека нивоата на кортизолот се намалиле по бакнувањето.

Колку подолга била врската, толку повеќе се спуштале нивоата на кортизол. Кортизолот се намалил и кај паровите кои само се држеле за раце што покажува дека каква било блискост може да го намали нивото на стрес, а не само бакнувањето.

Што се однесува до нивоата на окситоцин, истражувачите откриле дека тие се зголемиле само кај мажите иако мислеле дека ќе се зголемат и кај двата пола. Претпоставката е дека на жените им треба повеќе бакнување за да почувствуваат блискост и поврзаност или дека стерилната средина на лабораторија не може да го поттикне чувството на интимност. Според сето ова, бакнувањето игра улога не само во изборот на партнер туку и во зближувањето.

Биологот Хелен Фишер верува дека постојат повеќе причини за бакнувањето. Според неа, бакнувањето е вклучено во трите главни типови привлечност што се јавуваат кај луѓето: Желбата за секс (која зависи од тестостеронот), романтичната љубов (која зависи од допаминот и други хормони за среќа) и блискоста (која зависи од хемикалиите како што е окситоцинот). Бакнувањето еволуирало за да може да помогне во сите овие области. Плунката што се разменува со бакнежите содржи тестостерон, хормоните за среќа се пренесуваат со бакнежите и помагаат да се засили љубовта, а бакнувањето исто така помага во лачењето хемикалии одговорни за зближувањето меѓу луѓето кои подоцна водат до подолга врска неопходна за размножување и создавање деца.

Науката открива: Зошто се бакнуваме за да покажеме љубов?

Постојат луѓе кои не се бакнуваат

Сепак, некои култури и цицачи не се бакнуваат. Некои цицачи воспоставуваат контакт преку лижење, душкање и чепкање, што исто така може да ги пренесе потребните информации. Иако 90% од човечката популација се бакнуваат, постојат 10% кои не се бакнуваат. Тоа значи дека нашата склоност кон бакнувањето е и културолошки определена.

Без разлика дали живееме во општество каде што бакнувањето е резервирано само за блиските или во место каде што луѓето се бакнуваат на секоја средба, едно нешто е сигурно: Страната на која луѓето се вртат додека се бакнуваат. Речиси секогаш луѓето се вртат кон десно. Според едно истражување од 2003 година, два пати повеќе возрасни луѓе ја вртат главата кон десно додека се бакнуваат.

Најдобрата работа кај бакнувањето е што не мора да размислувате за ништо од ова. Само затворете ги очите, напрчете ги усните и оставете ја природата да преземе контрола врз нештата.

Доколку сакате вашите бакнежи да бидат совршени, прочитајте кои 3 грешки ги правиме додека се бакнуваме.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар