Науката открива: Какво влијание има музиката на вашата концентрација?
Размислете за момент колку многу песни постојат во светот што се компонирани од истите 12 ноти, а колку различно сите тие влијаат на вашето расположение. Фасцинантно! Според најновите истражувања, тоа е така затоа што музиката има специфично влијание на нашата концентрација за кое ние не сме ни свесни.
Вистина е дека музиката има различно влијание на различни луѓе. На некои лица музиката им помага да се сконцентрираат додека учат за испит, работат во канцеларија или пак ги извршуваат домашните обврски. На други, пак, музиката премногу им го одвлекува вниманието и тие не можат да се фокусираат на работната задача и истовремено да уживаат во нивната омилена песна. Зошто постои оваа разлика? Според резултатите од истражувањата, вие веројатно ја слушате погрешната музика. Доколку сакате да дознаете кои песни да ги вклучите во вашата плејлиста, можеби следниве научно докажани факти ќе ви помогнат…
Музиката може да ви ја подобри меморијата
Според едно истражување од 2007 година спроведено од страна на Универзитетот Стенфорд, музиката ги активира оние области од мозокот поврзани со вниманието, предвидувањата и меморијата. Меѓутоа, музиката што го предизвикала овој ефект била од посебен жанр. Станувало збор за кратки симфонии од еден мрачен композитор од 18-ти век, Вилијам Бојс.
На луѓе со различен карактер им се допаѓаат различни работи
Резултатите од едно истражување во кое учествувале 118 средношколци покажале дека изведбата на различни задачи била подобра кога била придружена со музика одошто кога учениците работеле во тишина или со звуци во позадина. Но, ова важело само за екстровертите. Интровертите не можеле да ги завршат задачите додека слушале музика. Оваа теорија ја тестирале со помош на електронска музика од 1990-тите, позната како UK Garage.
Мозокот претпочита фанк и поп
Научничката Марија Витек открила дека нивото на концентрација се зголемува кога слушаме музика што нѐ тера на танцување, но не премногу. Музиката со едноставен, монотон и едноличен ритам го нема тој ефект, но фанк и поп музиката се совршени за работа. Обидете се да го преживеете денешниот работен ден со помош на хитовите на Џејмс Браун.
Но, машкиот мозок не ги сака баш AC/DC
Во едно истражување учествувале 352 волонтери и тие требале да ја играат играта „Операција“ (каде што извршувате операција на кукла пациент) додека слушале три видови звуци: Композиција на Моцарт, „Thunderstruck“ од AC/DC и звуци од операциона сала. Резултатите покажале дека звуците не влијаеле на испитаниците од женски пол. Но, кај мажите ситуацијата била малку поинаква. Тие се соочиле со одредени проблеми додека ја слушале песната „Thunderstruck“. За време на таа песна тие биле побавни и правеле повеќе грешки во споредба со мажите кои ги слушале композициите на Моцарт или звуците од операционата сала.
Доколку сте анксиозни, слушајте класична музика
Луѓето кои страдаат од анксиозност можат да се смират доколку на пример ги слушаат гудачките квартети на Хајдн. Главниот заклучок што може да се извлече од ова истражување е дека треба да се познавате себеси исто толку колку што ја познавате музиката. Надворешните звуци немаат исто влијание на сите луѓе. Најважно е да откриете што има најдобар ефект на вас. На тој начин ќе можете да го извлечете максимумот од вашата продуктивност и да се забавувате додека работите.
Прочитајте го и ова истражување кое ќе ви помогне да откриете кој вид музика одговара на вашата работна задача.