Науката открива: Богатството и кратките љубовни врски се меѓусебно поврзани
Тешко е да се предвиди дали некој ќе посака сериозна врска со вас или ќе ве искористи за секс за една вечер. Луѓето се непредвидливи кога станува збор за љубовта и најновите истражувања откриле дека нашата животна средина можеби е главната причина што лежи зад сето тоа.
На Универзитетот Свансеа било спроведено истражување кое испитало како промените во средината и околностите влијаат на сериозните и кратките љубовни врски. Резултатите покажале дека големото богатство ја зголемува желбата за кратки врски.
Истражувачите побарале од 151 хетеросексуални мажи и жени да разгледаат фотографии од 50 потенцијални партнери. За секој партнер тие требале да кажат дали би сакале да имаат кратка или долга врска. Потоа им покажале фотографии од луксузни работи, како што се брзи автомобили, накит, палати и пари. Кога од нив било побарано повторно да ги погледнат фотографиите од партнерите и да го повторат експериментот, изборот за кратки љубовни врски се зголемил за 16%. Овој пораст се однесувал и на мажите и на жените. Дали ова значи дека ако им покажете на луѓето вреќа полна со пари, тие ќе бидат позаинтересирани за кратки љубовни авантури? Можеби ќе си помислите дека сите ние сме површни хедонисти, но станува збор за нешто малку покомплицирано.
Во вистински живот, нештата не се толку директни. Луѓето не може да видат еден куп дијаманти и веднаш да посакаат секс за една вечер. Наместо тоа, истражувањата покажале дека постојаната изложеност на одредена средина и околности може да го промени типот на партнер што го бараме.
„Според нашите откритија, ние можеби сме развиле психолошки ’орган’ кој ја следи животната средина и врз основа на тоа ги одредува нашите љубовни желби. Влијанието на овој механизам врз нашиот избор на партнер во вистинскиот живот најверојатно зависи од неговата чувствителност. Секако дека вашиот партнер нема да стане промискуитетен ако му покажете фотографии од накит и брзи автомобили. Кога нашите партнери би биле толку нестабилни, не би постоеле сериозни врски. Меѓутоа, ако некој човек е изложен на силни и постојани знаци дека неговата околина се променила на некој начин (како последица од унапредување на работа или слично), тогаш можно е да се променат неговите љубовни интереси и да посака поинаква љубовна врска“, изјавил авторот на истражувањето, доктор Ендру Г. Томас.
Не се врти сѐ околу парите
Но, парите не се единствениот фактор што влијае на нашата желба за кратки или долги врски. Кога на испитаниците им биле покажани животни средини полни со мали деца, тие најчесто одбирале партнери со кои би сакале да имаат сериозна врска. Но, кога биле ставени во опасни ситуации, се случило нешто многу интересно. Иако, најчесто луѓето одбирале долги врски, некои од жените кои учествувале во истражување покажале интерес за кратка љубовна врска откако им била покажана опасна средина. Според ова, може да се заклучи дека постојат многу фактори што влијаат на нашиот поглед кон врските.
Истражувачите сметаат дека постои добра причина за сето ова, а тоа е еволуцијата.
„Некои луѓе не претпочитаат сериозни љубовни врски. Еволуционите психолози веруваат дека желбата на човекот за кратка или долга љубовна врска зависи од околностите. Така, луѓето веднаш си замислуваат колку им било тешко да воспитуваат дете како самохрани родители. Претпоставуваме дека ова случува поради еволуцијата на човечкиот капацитет да ја прочита околината и да го одбере типот љубовни врски што би можеле да опстанат во таа средина. На пример, во побогата околина, на жените би им било многу полесно да ги чуваат децата без помош од таткото. Токму затоа, кратките врски се прифатлива опција и за двата пола во случаи кога поседуваат огромно богатство. Веруваме дека и современите луѓе ја донесуваат истата одлука“, објаснил Томас.
Логично е тоа што нашата животна средина го менува начинот на кој ги одбираме љубовните врски. Сето тоа се случува на толку комплексни и различни начини што најчесто не ни забележуваме дека се случува. Па, доколку имате потреба да се смирите и да започнете сериозна љубовна врска или пак силно посакувате да имате кратка љубовна авантура, можеби средината во која живеете ви го наметнува таквиот начин на размислување.
Во продолжение прочитајте зошто денешните љубовни врски се толку многу нестабилни.