Науката конечно доаѓа до објаснување зошто имаме веѓи
Ако погледнете реконструкции на остатоците од нашите далечни предци, ќе забележите дека нивната сличност со денешните луѓе е евидентна, но исто така има и доста разлики, особено во делот на лицето. Најпрво, може да се забележи дека коската над очите била далеку поиспакната во споредба со нашиот денешен изглед. Со текот на времето луѓето еволуирале и некои од коските станале помалку изразени, но поради тоа имаме нешто друго на нивно место, за да ја врши истата функција. Науката се обиде да даде одговор на прашањето зошто ние ја немаме таа коска на челото и за што служела истата во минатото, притоа објаснувајќи ја и улогата на веѓите.
Истражувачки тим од Универзитетот во Јорк изработил дигитален модел на череп, објавен во списанието „Nature Ecology & Evolution“, кој припаѓал на видот Хомо хиделбергенсис (Homo heidelbergensis), од пред околу 300.000 години. Тие го истражувале токму делот околу очите и откриле дека тој бил многу поголем, потврд и поизразен во однос на оној кај денешните луѓе. Со помош на дигиталната симулација, можеле да дојдат до повеќе претпоставки и заклучоци за функцијата на овој дел од главата.
Најпрво се сметало дека оваа коска служела за заштита на мозокот од физички повреди, како и дека помагала при правилни движења на вилицата (којашто исто така изгледала доста различно од денешната). Но, ако ниту една од овие претпоставки не е точна, тогаш зошто денешните луѓе ја немаат оваа коскена структура над очите, туку две влакнени низи, што ги нарекуваме веѓи? Одговорот лежи во емоциите.
Во студијата е наведена претпоставка дека губењето на големите коскени ткива во предниот дел на главата со текот на времето и нивното претворање во порамна коска, дозволила поподвижни веѓи, благодарение на кои денеска можеме да прочитаме чувства на лицата на луѓето.
Едноставно кажано, како што луѓето еволуирале, потребата да изразуваат емоции станала важен дел од невербалната комуникација. Дури и кога не сме свесни за тоа, веѓите го испишуваат расположението на нашето лице и во зависност од нивната положба, соговорникот може да дознае многу за моменталната емотивна состојба на личноста спроти него. Поради ова, веѓите денеска се важна социјална алатка во комуникацијата. Овој еволутивен чекор дал голема корист во животот на луѓето на подолг план.
Нашите далечни предци, благодарение на овој процес, успевале сè полесно и полесно да остваруваат пријателства и да се поврзат со другите луѓе. Овие промени сигурно ја подобриле и невербалната комуникација и помогнале човечкиот вид да опстане, да преживее и да еволуира, за да се достигне нивото на цивилизација на кое се наоѓаме денес.
Сепак, за конечно да се донесе заклучок за што точно им служела оваа област на праисториските луѓе, треба да се истражуваат и симулираат многу повеќе видови и да се споредат резултатите. Едно е сигурно, без нив, нашите денешни лица би биле безизразни и многу потешко би одело читањето на нечие расположение само од лицето.
Прочитајте ги и овие интересни факти за веѓите.