Науката докажала: Луѓето всушност умираат кога им е доста од животот
Психогената смрт навистина постои. Таа состојба не е самоубиство и не е поврзана со депресијата, но чинот на откажување од животот и умирање за само неколку дена е многу сериозна состојба.
Колку и ненаучно да ви звучи, синдромот на откажување е факт што се користи за да се опише медицински документиран, но слабо разбран феномен во кој поединецот кој ја изгубил волјата да живее, всушност умира без никаква очигледна физиолошка причина.
Состојбата за првпат ја опишале Американците, а се однесувала на јужнокорејските војници кои починале додека биле во заробеништво во воените логори за време на Корејската војна, а подоцна била применета и врз воените сили во Виетнам и врз жртвите во нацистичките концентрациони логори, а како потврда послужиле сеќавањата на преживеаните.
Луѓето што сакале да се откажат од животот во концентрационите логори, брзо биле препознавани од нивните сопатници по тоа што знаејќи дека им се ближи крајот тие ја ваделе последната цигара што ја криеле и ја палеле. Цигарите тогаш биле многу вредни и имало многу малку.
Вообичаената поврзаност на случаите со синдром на откажување е тоа што таквата состојба започнува со психолошки трауматично доживување кое се чини неизбежно. Лицето кое страда од оваа состојба одговара на тие навидум безнадежни услови со уште поголема апатија; откажувајќи се од животот околу него до тој степен што на крајот умира.
Сепак, денешните согледувања покажуваат дека смртта поради откажување од животот не е неминовна. Одредени луѓе, сепак, се опоравиле иако биле во услови идентични со оние што ѝ претходат на смртта кај другите, откако биле убедени од некој или нешто да не се откажат од животот.
По спроведеното истражување на многу историски и современи записи на Универзитет во Портсмут, истражувачот д-р Леон Лич, заклучил дека синдромот на откажување може да се појави и почесто отколку што се сметало претходно, а такви случаи биле забележани уште во 1600-тите.
Пет фази на откажување од животот
Во надеж дека ќе го подобри сфаќањето на оваа збунувачка состојба, а со тоа и можноста таа да биде заобиколена, Лич имал намера да биде првиот во историјата што ќе ги наведе клинички индикатори на оваа состојба. Неговото истражување, објавено во списанието Medical Hypotheses, дефинира шема која има пет фази и ја претпоставува хипотетичната активност на мозокот.
Таа укажува на тоа дека луѓето погодени од синдромот на откажување од животот, смртта ја сметаат за најдобар можен механизам за справување со неподносливиот стрес на нивната состојба.
Првата фаза, социјалното повлекување, е честа појава кај луѓето кои претрпеле тешка траума, но кај синдромот на откажување се развива во апатија. Лич се повикувал на приказните од преживеаните за да го опише овој вид на апатија како деморализирачка меланхолија која се разликува од гневот, тагата или фрустрацијата во кои има една личност, а тоа е чувството на „заробеност во инерцијата“.
Во втората фаза жртвата престанува да внимава на сопствената хигиена.
Третата фаза се нарекува абулија, што претставува зголемување на апатија и тогаш човекот нема иницијатива да ги извршува дневните задачи; луѓето кои имаат ваков проблем често престануваат да зборуваат и да јадат.
Според д-р Лич интересно е што абулијата е фаза на празен ум или свест лишена од содржина. Луѓето во оваа фаза кои потоа закрепнале ја опишуваат како празен мозок.
Четвртата фаза, психичка акинезија, се карактеризира со губење на реакциите при физичко стимулање, дури и при силна болка. Конечно, ако не се случи интервенција, пациентите кои имаат ваква состојба достигнуваат до петтата фаза: смрт.
Лич верува дека промените во одредена област во мозокот, колективно наречена „преден цингулатен круг“, би можеле да бидат одговорни за патологијата на откажувањето од животот. Предниот цингулатен круг е вклучен во мотивацијата и иницирањето на насоченото однесување, а нарушувањето на допаминската сигнализација во овие региони предизвикува однесување слично на апатија.
Можеби сакате да прочитате и дека според едно ново истражување марихуаната ја менува структурата на срцето.