Научно докажано: Што ни се случува во мозокот кога дознаваме дека сме биле изневерени?
Тешко е да се дознае дека партнерот кому сте му верувале и сте го сакале бил неверен. Несомнено е дека чувствата се секогаш повредени. Но, се чини дека неверството нема влијание само на чувствата, туку остава краткотрајни и долготрајни последици и на хемијата во мозокот. А тоа влијае на видот на болката што ја доживуваме и на начинот на кој ги проценуваме нашите идни партнери. Ако разбереме какво невролошко влијание има неверството на мозокот можеби нема да преболиме побрзо, но барем ќе ја подигнеме нашата свест дека се работи за нешто што остава сериозни последици на партнерот кој бил изневерен. И тоа е уште еден доказ дека тагата, сомнежот и болката што се јавуваат потоа не треба да бидат игнорирани и потценети.
Поврзаноста помеѓу емоционалните искуства и физичките последици се од голем интерес за научните истражувања. Со векови сме верувале дека чувствата на среќа, болка и тага се одвоени од нашите телесни функции. Но, неодамнешните истражувања покажале дека постои врска помеѓу тие две. Имено, романтичното одбивање го стимулира ослободувањето на одредени хормони, дразни одредени рецептори за болка, влијае на невролошките патишта за зависност и на способноста за разумно размислување во иднина. А самото неверство вклучува одбивање, предавство и обезвреднување на врската. Во продолжение прочитајте како нашиот мозок реагира на неверството извршено од страна на нашиот партнер.
Доживуваме физичка болка
Ова не се однесува само на неверството, туку воопшто секое повредување на чувствата може да предизвика физичка болка. Раскинувањата, одбивањата и романтичните предавства се емоционално и физички болни, бидејќи активираат делови од мозокот кои реагираат на физичка непријатност.
Во едно истражување, спроведено на Универзитетот во Мичиген, истражувачите ги скенирале мозоците на учесниците додека тие биле изложени на благо физичко горење, а потоа и додека ги гледале фотографиите на нивните поранешни партнери. Тие дошле до неверојатни резултати! Истите делови од мозокот, секундарниот соматосензорен кортекс и задната инсула, светнале и во двата случаи. Овие делови се поврзани со обработката на сензации на болка и реагираат кога чувствуваме непријатност поради социјална изолираност или одбивање, било да се работи за пријател или партнер.
Полот има влијание на нашата реакција на неверството
Нашите физички реакции на неверството во врската варираат во зависност од полот. Според едно истражување во Торонто од 2009 година, спроведено на 130 луѓе, мажите чувствуваат поголема грижа на совест и каење доколку извршат сексуално неверство, додека, пак, жените се повознемирени ако извршат емоционално неверство, без разлика дали имале сексуални односи.
Но, дали тоа се менува во зависност дали еден човек бил изневерен или тој изневерил? Во 2015 година било спроведено истражување кое вклучило 64.000 учесници на возраст помеѓу 18 и 65 години од сите сексуални ориентации, за да се открие како тие би се чувствувале доколку партнерот ги изневери емоционално или сексуално. Резултатите биле слични со оние од истражувањето во Торонто: 46% од хетеросексуалните мажи и 65% од хетеросексуалните жени биле повеќе вознемирени поради емоционалното неверство, а 54% од хетеросексуални мажи и 35% од хетеросексуални жени биле повеќе вознемирени поради сексуалното неверство. Кај хомосексуалците резултатите биле поинакви, бидејќи кај нив полот не играл толкава улога во тоа како се доживува неверството. Причината за тоа некои ја поврзуваат со теоријата на еволуција и можноста за размножување, а други со модерните општествени улоги.
Може да се чувствуваме како да се откажуваме од некоја зависност
Кога нашите чувства се повредени, мозокот реагира како да сме прекинале со некоја супстанца од која сме биле зависни. За мозокот љубовта е зависна како кокаин. Според истражувањето спроведено на Универзитетот во Калифорнија, кога доживуваме љубов, особено во почетните фази, реагираат истите делови од мозокот како кога би земале некоја супстанца што предизвикува зависност. Луѓето кои се многу заљубени покажуваат зголемена активност во нивното „каудат јадро“ кое ослободува голема количина хормони за среќа и ги поттикнува заљубените да се обидат да добијат нова доза. Ако таа доза биде одземена, телото реагира на ист начин како кога би се одвикнувало од никотин.
Интересно е што неверството честопати ја презема контролата на овие нервни патишта за свои цели. По неколку години со ист партнер, веројатноста е дека нема да го чувствуваме протокот на допамин со истиот интензитет како што тоа се случувало на почетокот. А ако го доживееме тоа со друга личност, може да се поттикне мозокот да реагира како да се работи за зависност, што ќе нè натера да направиме сѐ што е потребно за да добиеме нова доза. Самите афери се исто толку зависни колку и љубовта во почетните фази од врската.
Постои можност да почнеме да развиваме опсесивни мисли
Како реакција на неверството, кај жените постои голема веројатноста дека ќе почнат да се развиваат опсесивни мисли. Станува збор за постојано размислување за причините, околностите и последиците од негативното емоционално искуство, одново и одново. Со други зборови кога се чувствувате лошо, опсесивните мисли ќе ве натераат да го повторувате тоа чувство во вашиот ум до бескрај.
Дел од причината зошто подлегнуваме на опсесивни мисли е зависната природа на љубовта и нашата реакција на нејзиното исчезнување. Едно истражување открило дека луѓето кои имале спротивставени чувства за нивниот партнер (го сакале, но само што раскинале) покажале активност во деловите од мозокот кои се поврзани со допамин и зависност. Резултатите покажале копнеж и опсесивно повторување на истите мисли постојано.
Според психолошките студии, жените повеќе се опседнуваат од мажите бидејќи тие се чувствуваат поодговорни за емоционалната страна на врската. Поради тоа, тие секогаш веруваат дека барем делумно се виновни за прекинот на врската.
Го подобруваме изборот на партнери
Нема многу позитивни страни кога станува збор за неверството во врската, но една особено се истакнува по едно истражување спроведено овој април. Имено, неверството ни помага да научиме како да направиме вистински избор. Истражувањето побарало од 5.705 жени од 96 различни земји да одговорат прашања во врска со последиците од раскинувањето со партнерот кој ги изневерил и ги оставил поради друга жена. Речиси сите жени кои биле во оваа ситуација одговориле дека значително го подобриле изборот на нивниот партнер.
Се чини дека неверниот партнер може да ни помогне подобро да ги препознаваме знаците на предупредување и да бегаме што подалеку од потенцијалните неверници. Оттука може да се извлече следниов заклучок: Ужасно е да се биде изневерен, но исто така е и многу поучно.