Научно докажано: Луѓето не се толку сочувствителни кон жените кои носат разголена облека
Жените кои биле сексуално злоупотребувани честопати наидуваат на обвинувања и осудувања поради облеката што ја носеле во моментот кога се случил нападот. Дури и жените кои не доживеале вакво трауматично искуство постојано се соочуваат со критики бидејќи луѓето донесуваат заклучоци и ја проценуваат нивната интелигенција и промискуитет врз основа на нивната облека. Сега, науката докажала дека нашите мозоци поинаку реагираат кон жените во зависност од нивниот избор на облека, но истражувачите не се сигурни на што се должи оваа појава.
Имено, резултатите од едно неодамнешно истражување покажале дека луѓето чувствуваат помала емпатија кон жените кои носат разголена облека. Ова откритие би требало да послужи како потсетник дека треба да бидеме свесни за оваа предрасуда и дека не треба да избрзуваме премногу со донесувањето заклучоци.
За целите на истражувањето, испитаниците играле сајбер игра со фрлање топка каде што учествувале различни актери: „Сексуализирани“ жени (во фустан, високи потпетици и јака шминка), „персонализирани“ жени (во фармерки, маица и нежна шминка) и самите испитаници. Виртуелната игра со фрлање топка имала цел да предизвика негативни емоции секогаш кога некој од актерите ќе испадне од играта во одредени моменти и да предизвика позитивни емоции секогаш кога ќе се вратат назад во игра. Резултатите откриле дека испитаниците не биле толку сочувствителни кон сексуализираната жена кога таа била исклучувана од играта и не чувствувале толку силни позитивни емоции кога таа била повторно вклучувана.
Авторот на истражувањето Џорџа Силани изјавила дека сѐ уште не може да се одреди дали недостатокот на емпатија кон жените во разголена облека е директен резултат од универзалните општествени ставови за облеката на жените, но додала и дека истражувачите планираат да спроведат нови испитувања за да ги разберат причините за оваа појава.
Истражувачите ја измериле мозочната активност на учесниците во истражувањето и откриле дека се активирале помалку области поврзани со емпатија кога ќе се појавела сексуализираната актерка. Тоа значи дека набљудувачите не можеле да ги разберат емоциите на сексуализираната жена.
Освен тоа, истражувачите откриле дека емоционалниот интензитет бил највисок кога се работело за самите испитаници, потоа за персонализираните актерки, а најнизок бил кога станувало збор за објективизираните актерки. Со други зборови, испитаниците биле помалку емпатични кон сексуализираните жените без разлика дали се работи за позитивни или негативни емоции. Меѓутоа, кога истражувачите ја смениле облеката на сексуализираната актерка и покриле повеќе делови од нејзиното тело, тие дознале дека учесниците станале посочувствителни.
Откритијата на ова истражување важат и во реалниот живот. Наместо да добијат поддршка, жртвите на сексуална злоупотреба честопати се соочуваат со обвинувања, особено поради облеката што ја носеле за време на нападот. И покрај тоа што облеката на жената нема никаква врска со тоа дали некој ќе биде или нема да биде нападнат, она што жената го носела за време на нападот е од големо значење за луѓето кога треба да проценат дали приказните на злоупотребените жртви се вистинити.
Резултатите од ова истражување не му даваат никому право да расправа дека жените не треба да носат разголена облека. Секој има лично право и одговорност да ги препознае сексуалните предрасуди, но секако дека не треба да се објективизираат жените кои решиле отворено да ја изразуваат својата сексуалност преку нивниот изглед.
Изборот на облека никогаш не може да искористи како оправдување за насилството кон жените. За среќа, многу активисти неуморно работат за да го поправат ова невистинито мислење. Но, резултатите од истражувањето покажуваат дека нашето општество го чека долг пат додека да ги отфрли закоравените сексистички верувања и начини на однесување. Валидноста на женските искуства и чувства не треба да се одредува според облеката што решиле да ја носат жените. Парчето облека никогаш нема да претставува добар изговор за дехуманизација на друга личност.
За да се уверите дека предрасудите за сексуализираните жени не се вистинити, погледнете ја оваа серија на фотографии кои ги побиваат обвинувањата упатени кон жртвите на сексуален напад.