Научниците порачуваат: Ако мислите дека партнерот никогаш нема да ве изневери, размислете добро
Дали и вие сте од оние луѓе кои цврсто веруваат во верноста на својот партнер/ка и сметате дека тој/таа никогаш нема да ве изневери? Сепак, научниците порачуваат да размислите и да се преиспитате уште еднаш по тоа прашање. Едно ново истражување покажува дека многу луѓе им веруваат на своите љубовни партнери повеќе отколку што треба.
Во рамките на оваа судија, психолози од Детската болница при Универзитетот Калгари и Мекмастер, испитале какво е размислувањето и ставот на луѓето околу неверствата во љубовните врски.
Истражувањето опфатило околу 200 испитаници на возраст од 17 до 32 години, кои околу две години биле во брак или врска. Учесниците во испитувањето требало да одговорат на прашања поврзани со довербата, посветеноста и неверствата. Притоа терминот „неверство“ не бил строго дефиниран, туку бил отворен за различни интерпретации и толкувања. Кога при испитувањето се доаѓало токму до оваа тема, нештата станувале интересни. Учесниците дале оценка дека просечниот човек има 40 проценти шанса да го изневери својот партнер, додека 9 отсто од испитаниците признале дека изневериле во минатото.
Но, што се случува со нивните партнери? Само 5 проценти од учесниците во истражувањето изјавиле дека сметаат оти нивните партнери веќе биле неверни во нивната врска или дека ќе ги изневерат во иднина. Доколку бројките не ви одат најдобро, да појасниме. Речиси за двојно повеќе луѓе признале дека биле неверни во врската со нивниот љубовен партнер, а сметаат дека само 5 проценти од нивните момчиња, девојки, сопрузи и сопруги би го сториле истото.
Околу 90 проценти од учесниците во истражувањето изјавиле дека би сакале да знаат дали биле изневерени, а околу 70 проценти рекле дека никогаш не разговарале со своите партнери околу тоа што подразбираат под неверство во врската.