Научете како сами да си ја прочитате судбината од дланка
Животот е еден неверојатен лавиринт и нормално е тоа што нѐ измачуваат милион прашања. Луѓето се обидуваат да ги пронајдат потребните одговори на најразлични начини. Едни читаат книги, други ја проучуваат психологијата, трети разговараат со пријателите, а некои, пак, решаваат да побараат совет од разни гатачки и предвидувачи на иднината. Последниве најчесто користат тарот карти или читање од дланка. Доколку верувате во такви работи, не мора повеќе да трошите време и пари за да одите по гатачки. И вие самите можете да си ја прочитате судбината од дланка. Еве што треба да знаете за да го направите тоа…
Најпрво, треба да решите од која дланка ќе ја читате судбината. Некои читачи од дланка ја одбираат подоминантната, но можеби најдобро би било да ги читате и двете. За да го направите тоа, треба да знаете какви видови дланки постојат. Тие се поделени во 4 категории: Земја, воздух, оган и вода.
1. Земјена дланка
Земјените дланки се широки во облик на квадрат. Прстите се дебели, а кожата груба. Должината на дланката е обично еднаква со должината на прстите. Луѓето со земјени дланки се практични и приземни. Тие учат преку пракса, а не преку теорија. Обожаваат активности во природа како планинарење, сурфање и пешачење.
2. Воздушна дланка
Воздушните дланки имаат квадратна или правоаголна форма со долги прсти и изразени зглобови. Должината на дланката е обично еднаква со должината на прстите, а кожата понекогаш е сува. Луѓето со вакви дланки многу сакаат да размислуваат и да комуницираат. Тие се полни со идеи, но премногу се грижат и изложени се на голем стрес.
3. Водна дланка
Водните дланки се кратки и овални со долги, еластични прсти. Дланката е повеќе широка одошто долга, а прстите имаат иста должина со дланката. Луѓето со водни дланки се многу емотивни. Тие се идеалисти, уметници и природно претпазливи. Нивната чувствителност ги прави подложни на прекумерна употреба на дрога и алкохол.
4. Огнена дланка
Огнените дланки се квадратни или правоаголни со црвеникава боја и кратки прсти. Должината на раката е поголема од должината на прстите. Луѓето со овој вид дланки се енергични, одлучни и секогаш подготвени за акција. Многу лесно им станува здодевно и затоа сакаат разновидност. Знаат да бидат нетрпеливи и нетолерантни. Луѓето со огнени дланки се независни, одлични лидери и страсни љубовници.
ДЕШИФРИРАЈТЕ ГИ ЛИНИИТЕ
Линиите на дланката сочинуваат 4 различни категории: Срце, глава, живот и судбина.
Линија на срцето
Линијата на срцето е симбол на љубов и романтика. Доколку таа започнува под вашиот показател, вие имате добар љубовен живот. Ако почнува под средниот прст, тоа значи дека сте себични во љубовта, а почетокот помеѓу првиот и средниот прст означува дека сте идеалисти и дека многу лесно се вљубувате. Кратката линија на срцето е знак дека не сте многу заинтересирани за романтика. Ако линијата на срцето ја допира линијата на животот, тоа значи дека вашето срце е многу ранливо и лесно може да биде скршено. Долгата, искривена линија на срцето е карактеристична за луѓето кои без проблем ги изразуваат чувствата. Правата линија на срцето што се наоѓа паралелно од линијата на животот значи дека сте многу практични кога станува збор за вашите емоции, а брановидната линија означува дека имате многу љубовници, но малку сериозни врски.
Линија на главата
Линијата на главата е симбол на интелигенцијата и мудроста. Доколку таа е кратка, тоа значи дека повеќе ги цените вашите физички достигнувања отколку интелектуалните. Вие попрво би снимиле филм одошто би завршиле академија за филм. Брановидната линија на главата значи дека имате слаба концентрација, а долгата линија е карактеристична за фокусираните луѓе кои многу размислуваат. Правата линија значи дека сте реалисти. Доколку оваа линија е разделена од линијата на животот, тоа е знак дека имате оптимистичен поглед кон светот и авантуристички дух. Ако има круг или крст во вашата линија на животот, тоа значи дека ќе доживеете некаква емоционална криза. Повеќе крстови покажуваат дека ќе треба да донесете многу големи одлуки во текот на животот. Генерално, искривената линија на главата означува креативност и спонтаност, а правата означува практичност.
Линија на животот
Спротивно од општото верување, должината на линијата на животот не покажува кога ќе умрете, но покажува одредени ваши лични карактеристики, како и настани што би можеле да ви се случат во иднина. Доколку вашата линија на животот е права и се наоѓа блиску до палецот, тоа значи дека вие сте многу бавни. Можеби сте мрзливи и често се чувствувате уморни. Правата линија исто така означува дека сте многу внимателни кога станува збор за врските со луѓето. Широката, искривена линија значи дека сте енергични и здрави. Доколку се затвора во полукруг, тоа е знак дека сте силни со голем ентузијазам и лидерски способности. Долгата линијата на животот ја покажува вашата внатрешна виталност, додека, пак, кратката и плитка линија значи дека луѓето лесно можат да манипулираат со вас. Прекините во линијата на животот го покажуваат бројот на големите животни промени што ќе ги направите во текот на животот.
Линија на судбината
Линијата на судбината е многу посебна, бидејќи ја нема кај сите. Доколку имате ваква линија на вашата доминантна рака, но не и на другата, тоа значи дека животните околности ве натерале да ја земете судбината во свои раце. Ако немате линија на судбината или таа е кратка, тоа значи дека си земате слобода да направите пауза додека работите и да ја фокусирате вашата енергија на нешто сосема друго. Пријателите што имаат подолга линија на судбината ве сметаат за многу слободоумни. Долгата и длабока линија на судбината значи дека сте под контрола на вашата судбина. Доколку вашата линија е со многу прекини, тоа значи дека некои надворешни сили ќе го променат вашиот живот повеќе пати, но ќе успеете без оглед на сѐ.
Ако оваа линија ви е споена со линијата на животот, тоа значи дека имате претприемачки вештини и моќ да изградите нешто свое. Доколку оваа линија почнува на дното од вашата дланка, тоа е знак дека често ќе бидете присутни во окото на јавноста. Линијата на судбината на десната дланка што завршува кај линијата на главата покажува дека лесно ви досадуваат професии со многу правила, ограничувања и одговорност. Поголем успех ќе постигнете доколку работите независно, одошто ако работите за некој друг. Ако линијата на судбината на десната дланка завршува кај линијата на срцето, вие им дозволувате на емоциите и личните врски да влијаат на вашите професионални одлуки. Тешко ви е да донесувате тешки одлуки поврзани со кариерата, ако последиците од вашиот избор би можеле да повредат некого. Обидете се да бидете одлучни и праведни при донесувањето одлуки и не им дозволувајте на емоциите да ви застанат на патот и да ви набијат грижа на совест.
ДОЛЖИНА НА ПРСТИТЕ
Долги прсти
Луѓето со долги прсти се интересираат за деталите на некои приказни и настани. Добро размислуваат пред да стапат во акција. Поженствени се и погрижливи од останатите.
Кратки прсти
На луѓето со кратки прсти не им требаат толку информации од надворешниот свет. Тие дејствуваат според нивната интуиција и никогаш не бараат совет или мислење од другите. Тие веднаш преминуваат на дело и не сакаат долги објаснувања. Тешко им е да не избрзуваат со донесување заклучоци.
Отворени прсти
Без разлика дали имате долги или кратки прсти, луѓето кои обично ги држат прстите отворени се чувствуваат безбедно и сигурно. Тие се слободоумни и воопшто не ги следат конвенционалните правила. Не сакаат да го слушаат туѓото мислење, а животниот пат си го креираат според нивните лични убедувања.
Затворени прсти
Луѓето што ги држат прстите затворени и стиснати, додека дланките им се отворени, најчесто се чувствуваат несигурно и исплашено. Доколку прстите се здрвени, тоа е знак дека личноста е отпорна на какви било промени на нејзината моментална умствена состојба. Здрвените прсти испраќаат порака што гласи: „Не ме вознемирувајте! Не ми треба вашата помош!“
Тоа е сѐ што треба да знаете доколку сакате да си ја прочитате судбината од дланка. Без разлика дали верувате во ова или не, мора да признаете дека звучи забавно и вреди да се проба.