Направете сами: Прекрасен огромен цвет од хартија
Почнува сезоната на свадбите, па идните невести веќе активно се подготвуваат за својот голем ден. Цвеќињата треба да ги има насекаде, а најмногу околу невестата. Како декорација, како бидермаер или како дел од вашиот изглед, со ваков цвет, со сигурност ќе оставите силен впечаток на вашиот ден. Па и мора да биде така, секако сите ќе гледаат во вас. 🙂
Потребни материјали:
- 1 селотејп за цвеќиња
- 6 тенки жици со должина на цветни стебленца
- 4 парчиња розова креп хартија (25 x 125 см)
- 1 парче зелена креп хартија (25 x 125 см)
- Шаблон со ливчиња за печатење
- Лепило
- Ножици
- Молив
Печатење на шаблоните: Најпрво од шаблонот испечатете 3 копии од капковидните ливчиња, 8 копии од срцевидните, 2 ливчиња за стебленцето и еден примерок од ливчето за чашката. Печатете го документот зголемен на 200% за да ја добиете соодветната големина на цветот.
Сечење на ливчињата: Исечете 6 ливчиња во форма на капка и 16 ливчиња во форма на срце од розовата хартија. Внимавајте на правецот на сечење. Секогаш треба да сечете така што рапавата површина ќе држи вертикален правец.
Спојте 2 парчиња креп хартија едно врз друго и потоа додадете 1 копија од шаблонот одозгора и захефтајте. Препорачливо е да не сечете повеќе од два слоја истовремено за да не се уништат рабовите. Направете вакви парови од креп хартија и шаблони за сите ливчиња кои треба да ги добиете.
Исечете 3 стеблести ливчиња и 1 ливче за чашката од зелената креп хартија.
Дршката: Земете 3 жици и замотајте ги со селотејп за цвеќиња.
Обликувајте ги ливчињата: Со двете раце повлечете го секое ливче од центарот кон надвор за да добие поавтентичен изглед.
Потоа превртете го ливчето наопаку и со помош на молив навиткајте го неговиот горен дел. Направете го ова со секое ливче.
Пупката на розата: Земете едно ливче во форма на капка и замотајте го околу обложената жица. Прицврстете го ливчето со повеќе селотејп. Повторете ја постапката со сите ливчиња во форма на капка.
Расцветениот дел од розата: Постапката е иста како во претходниот чекор. Овој пат употребете ливче во форма на срце и замотајте го околу пупката, прицврстувајќи го со селотејпот. Повторете ја постапката со сите 16 ливчиња.
Зелените ливчиња: Земете 3 жици обвиткани со зелена хартија и на секоја со лепило додадете ѝ по едно зелено ливче.
Чашката на розата: Замотајте го зеленото парче за чашката на основата на цветот и прицврстете го со селотејп. Покријте го селотејпот со зелена хартија.
Додадете ги дршките со зелени ливчиња: Со лепило поврзете ги сите 3 дршки на стеблото на розата. Можете да се послужите со спојувалки за да се осигурате дека дршките ќе останат добро прицврстени. Откако ќе се исуши лепилото, тргнете ги.
И конечно, цветот е готов. Можеби ќе потрошите малку време, при што добро ќе се забавувате, но на крајот секако ќе добиете уникатен цвет кој ќе ви остане засекогаш.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.