Направете сами: Неодолив летен фустан од стара памучна блуза
Постојат премногу совети на темата: „Како да го преживеете летото и високите температури“. Но, доколку мораме да одбереме еден, кој е посветен на облекувањето, тогаш тоа секако би бил советот дека секогаш треба да избирате природни и лесни материјали. Сигурни сме дека веќе знаете кои материјали може да ве спасат од горештините, но доколку не го знаете одговорот, погледнете овде. Сепак, доколку сте барем малку вешти со машината за шиење, тогаш со сигурност ќе ви се допадне идејата што следи. Време е да создадете весел и разигран летен фустан и тоа за само 10-тина минути.
Потребни материјали:
- Стара, памучна блуза (најдобро би било да има весел, летен принт, но не е задолжително)
- Памучен, растеглив материјал со димензии околу 130×70 сантиметри (најдобро е да ги одредите димензиите според вашата градба на тело, но и овде можете да се послужите со некоја поширока машка блуза.)
- Конец кој е во иста боја како материјалот
- Линијар
- Кројачка креда
- Игли
- Кројачки ножици
- Машина за шиење
Фустанот изработете го на следниот начин:
1. Во зависност од тоа со колкава должина сакате да биде горниот дел од фустанот, на старата блуза, со помош на линијар и креда одбележете линија. Потоа, со ножиците исечете го тој дел.
2. Сега е на ред долниот дел!
Доколку се служите со материјал, тогаш свиткајте го на половина, а потоа зашијте ја страната каде што е преклопот, така што да ви останат горен и долен отвор (како и кај секое останато здолниште).
Доколку се послужите со друга стара блуза, тогаш исечете линија под ракавите, така што треба да ви остане правоаголник зашиен од страните, а отворен од горната и долна страна.
Без разлика која варијанта ќе ја искористите, потребно е да оставите 2-3 сантиметри при долниот отвор, односно работ и да го зашиете, односно да направите пораб.
3. Потоа, провлечете го горниот низ долниот дел, така што со помош на иглите ќе можете да ги споите долниот отвор на блузата и горниот отвор од материјалот (или другата блуза). Водете сметка за тоа да наместите сè како што треба, односно страните да бидат паралелни.
На местото каде што сте ставиле игли, зашијте и вратете го горниот дел на своето место.
Вашиот весел и разигран летен фустан е готов!
Овој фустан е идеален за на плажа, но исто така, можете да го облечете и за прошетка низ град, кафе со пријателките, односно секој пат кога ќе посакате да се чувствувате пријатно.