Направете сами: Декоративна кутија со лалиња
Постои едно верување дека ако добиете розово лале за подарок, вие сте вистинска среќничка бидејќи таа личност има намера да ви донесе уште многу радости во животот. Ако покрај розовите цветови се наоѓа и една црвена, бидете сигурни дека таа личност освен што сака да ги дели среќните моменти со вас, исто така сака и да ви ја искаже својата вистинска љубов. Но, ова не се однесува само на мажот во вашиот живот. Дали и вие сакате некому да ја покажете својата љубов и неизмерната поддршка? Дали им кажувате доволно на мајка ви, сестра ви, пријателките и колегите дека тие секогаш можат да сметаат за вас?
Цветните аранжмани отсекогаш биле одлична шанса да ги изразите своите најубави чувства, како и да го разбудите креативецот во себе. Па, наместо да разубавите нечиј ден со помош на букет, направете го тоа на малку поинаков начин така што самите ќе направите прекрасна декоративна кутија со лалиња. Кога ќе го завршите овој мал „направи сам“ проект, сè што останува е да се обидете да се одлучите кому да го подарите иако сме сигурни дека веќе имате некој на ум и додека го читате ова. Подготвени? Епа ајде да почнеме…
Прв чекор
За овој проект ќе ви бидат потребни следниве материјали:
- Сунѓер за цвеќиња
- Проѕирна фолија
- Декоративна метална кутија
- Лалиња (по можност розови)
Втор чекор
Обложете ја кутијата со фолија, а потоа внимателно исполнете ја со сунѓерот. Вишокот фолија и сунѓер тргнете ги настрана, а во сунѓерот направете дупки за да можете да го наредите цвеќето.
Трет чекор
Исечете ги лалињата така што само цветот ќе наѕира од кутијата и потоа нежно наредете ги додека не ја исполните целата.
Четврт чекор
Доколку сакате дополнителна декорација, додајте какви било колачиња во нежни бои, така што ќе ги наредите внимателно врз лалињата. Исто така во кутијата можете да ставите и пораки, цитати или што било друго за да го разубавивте денот на вашата посебна личност.
Дополнителен совет: Ако сакате вашиот цветен аранжман да трае подолго, наместо природно изберете сушено или вештачко цвеќе.
Едноставно и преубаво: Разиграјте ја пролетта со венче од цветови коe ќе го направите сами!