Направете сами: Декорација со есенски мотиви
Доколку уживате собирајќи есенски лисја, еве како може да го преточите тоа задоволство во вистинско уметничко дело со кое ќе го украсите вашиот дом.
Потребни материјали:
- Жолти есенски лисја (повеќе поголеми и неколку помали лисја)
- Јак течен лепак
- Бела основа (може да биде картон или дрвена штица обложена со бела хартија)
- Дебела четка за боење
- Златна боја или златен спреј
- Безбоен лак за мебел и други површини (се користи со цел да им даде сјај на лисјата и да направи подолго да траат)
Ќе треба да соберете лисја од две различни дрва, на пример големи лисја од јавор и помали лисја од друго дрво. Најпрво исушете ги и исправете ги лисјата ставајќи ги меѓу страниците на книга или тетратка.
Поставете стара хартија како основа за да не го извалкате или оштетите мебелот, и секој од поголемите листови премачкајте го со еден слој лак со помош на четка. Помалите листови премачкајте ги со златна боја.
Оставете ги премачканите лисја добро да се исушат. Направете план како ќе ги наредите лисјата на основата (имајте предвид дека треба да оставите малку празен простор најгоре, како што е прикажано на сликата). Со помош на лепакот внимателно залепете ги лисјата. Доколку некои од лисјата излегуваат од границите на основата, свиткајте ги нежно по краевите.
Лисјата со златна боја залепете ги врз другите лисја.
За крај, на белиот простор со маркер или темперни бои напишете нешто по ваш избор, може едноставно да пишува „есен“.
Вашиот есенски домашен проект е завршен. Може да го поставите во дневната соба и да уживате во малото и топло уметничко дело кое сами сте го направиле.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.