Најновото истражување докажа: Материјалистите имаат повеќе пријатели на Фејсбук!
Според најновите истражувања ни пристигнува предупредување дека социјалните мрежи всушност станале опасни по човечкиот род и дека луѓето кои имаат многу виртуелни пријатели всушност се големи материјалисти кои тежнеат кон слава, богатство и желба другите да им завидуваат. Студиите покажуваат и дека луѓето на кои им е грижа само за материјалното добро своите Фејсбук пријатели ги гледаат како „дигитални објекти“, а не како личности, бидејќи тие им служат како цел на самопромоција. Всушност, луѓето со многу пријатели на социјалните мрежи тежнеат кон тоа да се промовираат себеси со цел нивните „пријатели“ да им завидуваат за тоа каде се движат, каде патуваат и каква облека носат, бидејќи социјалните мрежи станаа едноставна, евтина и ефикасна реклама. Ако ве нема на Фејсбук, исто како да не постоите, зар не?
Научниците кои го проучуваат феноменот на социјалните мрежи тврдат дека материјалистите го користат Фејсбук почесто од оние луѓе кои сакаат духовно и културно да се издигнат, бидејќи со помош на Фејсбук не само што се фалат, туку и ја промовираат својата работа, кариера, идеи и на тој начин дополнително заработуваат. Виртуелниот свет стана место на кое се рекламира и промовира сѐ, со цел да се заработи, бидејќи денес на повеќето главна цел им е материјално да се издигнат над луѓето кои живеат некој просечен живот. Луѓето кои се занимавале со истражување на оваа тема се запрашале каков би бил нашиот живот да не постоел Фејсбук и останатите социјални мрежи и дали тој би бил поквалитетен и подобар? Поголемиот дел одговориле потврдно, но дали одговорите биле искрени?
Не е наше да судиме, но бројот на корисници на социјални мрежи секојдневно расте со вртоглава брзина и сѐ повеќе сериозни ресторани, бутици, модни куќи, салони за убавина и слично се рекламираат и промовираат токму на социјалните мрежи. Исто така, има се поголем број поединци кои сакаат да станат познати личности и токму заради таа цел користат Фејсбук, а тука се и оние кои се занимаваат со приватен бизнис, па сакаат со помош на социјалните мрежи да се промовираат себеси како и својот бизнис и секако, да имаат материјална корист од овие мрежи.
Што се однесува до луѓето кои имаат неколку илјада пријатели и следбеници на социјалните мрежи, а учествувале во истражувањето, потврдиле дека сакаат да купуваат скапи работи кои чинат дури и милиони и ако со тоа материјално богатство не се пофалат на Фејсбук имаат чувство дека се неважни, дека никој нема да се восхитува на нивната моќ и успех и животен стил. Исто така, на многумина од нив Фејсбук и Инстаграм им служеле за да се информираат што е во тренд, и што носат и купуваат најпознатите личности на денешницата.
Повторно се враќаме на почетокот и се запрашуваме дали е вистина дека, ако не се пофалите со она што го имате на Фејсбук, тогаш како да не постоите и дали социјалните мрежи станале приватна реклама како на познатите, така и на поединците кои се анонимни? И дали луѓето кои ве следат и додаваат на Фејсбук се навистина ваши пријатели или тоа се лажни пријатели и непознати на кои им се фалите дека имате многу пари за да ја задоволите вашата суета и его?