Најновите истражувања покажуваат дека вонземјаните можеби се обидуваат да контактираат со Земјата
Сигурно барем еднаш сте се запрашале дали вонземјаните навистина постојат. Според истражувањето објавено во „Publications of the Astronomical Society of the Pacific“, истражувачите од Универзитетот во Квебек, Канада, наводно нашле докази според кои не само што вонземјаните постојат, туку и се обидуваат да контактираат со Земјата. Можеби ви делува невозможно, но станува збор за вистинско истражување.
Во студијата, научниците користеле податоци од истражувањето на „Sloan Digital Sky“ за да извршат анализа на повеќе од 2 милиони далечни ѕвезди. Од анализираните ѕвезди, поточно 234, се однесувале на начин кој истражувачите не можеле да го објаснат. Тие размислиле и отфрлиле неколку можности за на крајот да заклучат дека чудните промени во ѕвездите се должат на светлосни импулси создадени од страна на вонземска интелигенција со цел да го прикаже нејзиното постоење. Со други зборови, вонземјаните можеби се обидуваат да воспостават контакт со луѓето иако се наоѓаат на растојание од неколку светлосни години.
Но, како истражувачите дошле до овој заклучок? Сигналите се светлосни импулси кои се случуваат на одредени временски интервали, а ѕвездите за кои се работи се наоѓаат во истиот спектар како и нашето сонце. Ова може да е знак дека постои интелигентен живот надвор од Земјата. Нашето сонце е единственото што го знаеме во чија близина живеат интелигентни суштества, па можеби истото се случува и во близина на други.
Пред да почнете да се подготвувате за инвазија на вонземјани, треба да ги имате предвид следниве неколку работи. Истражувачите велат дека можно е сигналите да се предизвикани од многу чудни хемиски состави во ѕвездите. И претходно имало истражувања кои покажале дека постои интелигенција надвор од Земјата, така што вреди и понатаму да се обрнува внимание на оваа тема и можност.
И покрај сѐ, ова истражување може да ни послужи како потсетник за големата веројатност дека не сме сами во универзумот.