Најлудите забави во светот
Од журки на плажа до борби со домати, од родео до карневали, во светот постојано се случуваат луди забави. Ако сакате да доживеете незаборавни моменти, ова се најлудите забави во светот кои треба да ги посетите.
Фестивалот Холи во Индија
Холи е дводневен фестивал на бојата во Индија, кој се слави еднаш годишно, во март. Учесниците на овој фестивал фрлаат парфимиран обоен прав, боја и вода едни врз други, претворајќи се самите себе во шарени слики, размачкани од глава до пети во најразлични бои. Овој религиозен и традиционален настан ги претставува обновувањето и ослободувањето на „внатрешниот Пикасо“ во еден поинаков, хинду стил.
Карневалот во Рио де Жанеиро
Најдобро време да го посетите Рио де Жанеиро е за време на карневалот, кога можете да уживате во сензацијата од бои, пердуви и самба. Шест дена низ улиците на Рио парадираат костумираните учесници, движејќи се во ритамот на афро-бразилската музика. Освен во карневалот, не заборавајте да уживате и во песочните бразилски плажи и вкусните коктели.
Родеото во Калгари
Оваа година беше одбележана 100-годишнината од најголемото родео во светот, родеото во Калгари кое се одржа од 6-ти до 15-ти јули. Секоја година родеото во Калгари привлекува повеќе од 1 милион посетители годишно, а вклучува паради, сценски настапи и натпревари во јавање бикови, влечење јаже, тркање околу буриња и слично. Продавниците се уредени во каубојски стил, а храната се состои од месо подготвено на скара и пиво.
Ла Томатина во Шпанија
Ла Томатина претставува борба со домати која се одржува во шпанскиот град Буњол. За време на овој настан, низ улиците течат реки од сок од 100 тони презреани црвени домати. Ла Томатина настанала во 1945 година и оттогаш борбата со домати се одржува секоја последна среда од месецот август. Овој настан е само еден од многуте фестивали и улични забави кои се случуваат во Шпанија.
Забавата на полна месечина во Тајланд
Секој месец, за време на полната месечина, туристи од целиот свет ја поминуваат ноќта забавувајќи се на плажата Haad Rin. Околу 20.000 патници си го наоѓаат своето место на плажата во форма на полумесечина, пијат евтин алкохол наточен во кофи и играат во ритамот на техно музиката. На оваа забава се препорачува да отидете боси затоа што големи се шансите да ги изгубите чевлите, посебно ако го консумирате локалното виски „Самсунг“.
Октоберфест во Германија
Танцувањето полка, препознатливиот германски колбас и пивските градини се синоним за 16-дневниот фестивал на пивото, Октоберфест. Како што кажува самото име, Октоберфест се одржува во октомври, во Минхен и привлекува околу 6 милиони луѓе годишно. Традицијата на Октоберфест е стара 200 години. Најголемиот фестивал на пивото опфаќа 14 шатори со пиво, саем на вртелешки, костумирани поворки и концерти под отворено небо.
Марди Грас во Њу Орлеанс
Кога станува збор за најлудите забави, не може да се заобиколи Марди Грас кој се одржува во срцето на Францускиот кварт во Њу Орлеанс. Централната парада исполнета со многу алкохол се случува долж улицата Бурбон. Марди Грас всушност е прослава на јужната декаденција и трае цела недела. Главна карактеристика на Марди Грас е алкохолот кој вклучува многу пиво, виски и неонско зелен пијалак познат како „Рачна граната“.
Фестивалот „Огнен човек“ во Невада
„Огнен човек“ е визуелно спектакуларен фестивал на уметноста кој се одржува во пустината Невада. Секоја година овој еднонеделен фестивал привлекува луѓе од целиот свет кои доаѓаат тука за да ги прослават човештвото, уметноста, креативноста и музиката. „Огнениот човек“ опфаќа уметност направена од автомобили, огромни инсталации кои испуштаат оган, голи велосипедисти и духовно будење. Сето тоа на крај кулминира со согорувањето на еден масивен портрет.
Фестивалот Роскилде во Данска
Фестивалот Роскилде е музички фестивал кој се одржува во Данска. Роскилде трае четири дена, а оваа година се одржа од 30-ти јуни до 4-ти јули. Се смета за еден од најголемите музички фестивали во Европа на кој настапиле Брус Спрингстин, Бјорк, Џек Вајт, бендовите Кјур, Рутс и многу други.
Конгресот на Дедо Мразовци, насекаде низ светот
Конгресот на Дедо Мразовци (SantaCon = Santa Claus Convention) е еднодневен настан на кој се собираат пијани Дедо Мразовци кои пеат валкани божиќни песни. Овој настан се случува во средината на декември, насекаде низ светот. Учесниците се луѓе кои се облекуваат како Дедо Мраз, се сретнуваат со своите „колеги“, одат по улиците ѕвонејќи со новогодишни ѕвончиња и пиејќи пиво, сè додека не пристигнат до барот за кој претходно се договориле, каде што ја продолжуваат журката.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.