Најголемиот метеор пронајден на земјата
Метеорот „Hoba“ се наоѓа на фармата „Hoba West“, недалеку од Грутфонтеин, град во областа Очозонџупа во Намбија. Тој е пронајден во 1920 година, кога фармерот Јакобус Херманус Бритс обработувајќи го своето земјиште, го заглавил плугот на него. Веднаш потоа метеорот бил целосно откопан, но бидејќи е тежок околу 60 тони, тој никогаш не бил преместен од наоѓалиштето. Тој не само што е најголемиот метеор кој е пронајден, туку претставува и најмасивно необработено парче метал на земјината површина.
Според проценките, тој паднал на земјата пред околу 80.000 години. Куриозитет е тоа што тој воопшто не направил видлив кратер во неговата околина. Се шпекулира дека навлегол во атмосферата на Земјата под многу остар агол, притоа се забавил и паднал на површината со мала брзина, со што не направил големо ископување. Тој е необичен бидејќи е рамен од двете најголеми страни, најверојатно поради фактот што отскокнувал од атмосферата, како што мазно камче отскокнува над вода.
Метеорот е со димензии 2,7х2,7 метри и е висок безмалку еден метар. Кога бил пронајден во 1920 година, неговата тежина била проценета на 66 тона, но ерозијата, земањето примероци за научни испитувања и вандализмот придонеле неговата маса да се намали. На неговата површина јасно се видливи знаци од вандализам.
Во обид да се стави под контрола вандализмот, метеорот бил прогласен за национален споменик во 1955 година.
Сепак вандализмот продолжил се до 1988 година, кога фондацијата „Rössing“ финансирала негова темелна реставрација и преземала мерки за негово заштитување и зачувување. Подоцна истата година, на местото бил отворен и туристички центар. Оттогаш за многу ниска цена, метеорот може да биде посетен, допрен, па дури можете и да се качите на него за да се сликате. Годишно тој е посетуван од илјадници луѓе.