Најдивите и најубавите места во Пакистан
Поради географската положба, сместен буквално меѓу Арапското Море и Хималаите, Пакистан нуди прекрасни пејзажи, културно наследство, делови од поранешниот Пат на свилата, како и културно-историски споменици. Затоа, за оние кои сакаат да патуваат, но и не се плашат од авантури, Пакистан е идеалната дестинација. Ова се локациите кои не смеат да ги пропушат оние авантуристи кои следниот подвиг ќе го реализираат токму во оваа азиска држава:
1. Национален парк Деосаи
Секоја пролет овој национален парк се претвора во палата на ретки диви цвеќиња и пеперутки, кои излегуваат по првите сончеви зраци. Исто така, често може да се сретнат и тибетските волци и лисици, како и ретките златни дабари. Од 1993, Деосаи има статус на заштитена област, за да се заштити загрозената хималајска кафеава мечка, а од 2016 е и заштитено светско наследство.
2. Долината Каган
Оваа долина со себе носи и прекрасна легенда за љубовта на принцот од Персија, кој се вљубил во девојка што ја запознал покрај водите на езерото Саифул Мулук (на фотографијата погоре). Но, во неа бил вљубен и џин, кој ја држел како заложничка. Таа му избегала за принцот, по што џинот ја поплавил долината со своите солзи, а денешните езерца сведочат за неговата голема тага.
3. Реката Хунза и смрзнатите врвови
Покрај реката Хунза има глечери и стрмни планини со смрзнати врвови. Ова место често се користи за кампување и за кратки паузи кај авантуристите кои сакаат да ги освојат планините Хинду Куш. Долината на реката Хунза е природен дом на снежни леопарди, диви кози и црвени лисици.
4. Национален парк Хингол
Освен што е препознатлив по ендемичните видови животни, овој национален парк е и регион со активни вулкани со кал. Активноста е предизвикана од хемиски реакции на вода и гас под Земјината кора. Кога се исфрла калта, се формираат конусни творби. Некои верници ги користат и како храмови.
5. Глечерот Балторо
Ова е еден од најголемите котлински глечери, тешко достапен, освен за професионалци. Се наоѓа меѓу три планински врвови. Топењето на мразот е од животно значење за жителите на Каракорам, северен Пакистан, кои ја користат водата за наводнување.
6. Езерото Атабад
Се наоѓа во долината Хунза. Има тиркизна боја и се простира врз карпест терен. Иако денеска е едно од најубавите места, минатото на ова езеро е доста тажно. Во 2010, по голема поплава и влечење на земја, биле поплавени околните градови, а карпа го блокирала течението на реката Хунза. Ова предизвикало масовно селење од селото Атабад, а езерото кое останало денеска е една од омилените дестинации за релаксација за локалните жители.
За вистинските авантуристи – Азиски острови кои треба да се на листата на секој сонувач и авантурист!