Најчестите оправдувања на неверните мажи

Најчестите оправдувања на неверните мажи

Сигурно си мислите дека никогаш не би можеле да простите неверство, бидејќи не постои доволно добро оправдување за истото. Меѓутоа постојат мажи кои многу вешто се користат со разни техники на манипулација за да ве натераат да им поверувате дека всушност тие се жртвите, па дури и да направат вие да се чувствувате виновни за нивното сторено дело. И најцврстата девојка се случува да „падне“ на овие изговори, затоа внимавајте на нив.

Најчести оправдувања на неверните мажи

Веднаш се тргнав

Секако дека не се тргнал веднаш. Да го направел тоа на време, немало ни да дојде до таква ситуација. Никој не може да присили некого да прави нешто што не сака. Можеби навистина се тргнал, но дури неколку минути по „присилниот“ бакнеж што значи и дека едвај одолеал на искушението да премине во нешто посериозно.

Сè се случи така брзо

Уште едно често оправдување на мажите е дека сè се случило така брзо што немале време да размислат. Зарем тој треба да размислува за тоа дали да ве изневери или не? Толку брзо се случило што не успеал да види дека не сте вие тоа, туку некоја друга? Не паѓајте на ова!

Јас ништо не направив

Вашето момче целосно ја префрла вината на таа девојка. Тоа само значи дека тој бил сосема свесен за чувствата што таа ги имала за него и наместо да се повлече, го искористил тоа.

Се случи само еднаш

Ако се случило еднаш, ќе се случи повторно. Доколку мажот имал смелост да си дозволи да спие еднаш со друга девојка додека е во врска со вас, бидете уверени дека не му е прв пат, а големи се шансите и дека нема да му биде ни последен. Сè зависи од тоа колку отворено ви пристапи и колку искрено ќе се покае.

И ти ме изневери мене

Класичен обид за префрлање на топката. Доколку навистина го имате изневерено вашето момче, тоа секако не му дава право да го израмни резултатот со тоа што ќе ви врати на истиот начин. Кога дознал за неверството тој можел или да ве остави или да ви прости, но никако не смее да го искористи тоа како оправдување за и тој да изврши прељуба. Тоа само говори за неговата незрелост и несигурност.

Девојки, доколку се најдете во ваква ситуација, важно е да не заборавате колку вредите и да се запрашате дали навистина го заслуживте таквото непочитување. Навистина е тешко да процените дали треба да простите или не, но обидете се да бидете што е можно пообјективни и да го согледате случајот од секој можен аспект. Како би ја посоветувале вашата најдобра пријателка? Останете разумни. Не е крај на светот. Новата љубов ве чека зад аголот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар