Начинот на кој се карате со вашите сопружници може да влијае на вашето здравје
Познато е дека емоциите влијаат врз здравјето, особено ако се негативни или многу интензивни. Луѓето кои се хронично лути, тажни, фрустрирани или исплашени имаат поголеми шанси да станат хронично болни, иако во поново време недостасуваат испитувања кои ќе укажат на начинот на кој тие емоции предизвикуваат одредени здравствени состојби.
Сепак, еден нов поглед врз едно поодамна спроведено долгорочно истражување на брачни двојки, објавен во списанието „Емоција“ во мај, годинава, доаѓа до одредени нови заклучоци. Имено, во 80-те години на минатиот век, група научници од Универзитетот Беркли во Калифорнија, спровеле истражување на хетеросексуални брачни двојки кои биле во брак најмалку 15 години. Брачните парови учествувале во испитување во кое требало да се потсетат на некои подеми и падови од нивниот интимен живот.
На почетокот од испитувањето, сопружниците, околу 15 минути, зборувале меѓусебно во врска со тековниот ден, а во следните 15 минути, тие требало да разговараат за некое тековно несогласување во нивниот однос, што им предизвикувало кавга.
По расправијата меѓу сопружниците, следувала 15 минутна непристрасна, општа дискусија. Сите контакти меѓу нив биле дискретно снимани. Субјектите во испитувањето, исто така, пополнувале и формулар што содржел прашалник во врска со нивното здравје. Оттогаш, на секои 5 години, во период од најмалку 2 децении, брачните двојки се враќале во универзитетската лабораторија и повторувале сè одново.
Овој експеримент произвел богатство од информации за испитувања посветени на долгогодишните бракови и нивната благосостојба. Но, неодамнешната студија објавена во „Емоција“ е првата во којашто се испитувале фацијалните експресии и гласовите на сопружниците, додека тие се наоѓале среде кавга.
Научниците потоа ги споредиле емоционалните знаци коишто биле испраќани додека траела расправата (кога е некој лут, на пример, неговите или нејзините веѓи се спуштени, очите широко отворени, усните стиснати, а гласот е пискав) и поставувале прашања поврзани со нивното влијание врз здравјето на учесниците во испитувањето.
Сопружниците, особено мажите, кои се покажале како многу емотивни и се наполниле со гнев за време на кавгата, подоцна многу почесто пријавувале симптоми на проблеми поврзани со работата на срцето, како што е болка во градите или високиот крвен притисок. Посмирените сопружници, оние кои изгледале повоздржано за време на недоразбирањата, биле посклони кон развивање проблеми со мускулите, коишто се манифестираат со болка во грбот или во вратот. Овие асоцијации се многу специфични. Лутите сопружници ретко развиле болка во грбот, а воздржаните ретко пријавувале кардиоваскуларни проблеми, додека пак луѓето чиишто главен одговор на конфликтот биле тагата или стравот, не се пожалиле ниту на кардиоваскуларни, ниту на проблеми со мускулаторниот систем.
Професорот по психологија при Универзитетот Беркли и авторот на новата студија, д-р Роберт Левенсон, смета дека ваквите резултати имаат психолошка смисла.
Гневот, на пример, го забрзува пулсот и предизвикува низа биолошки реакции коишто со текот на времето влијаат врз срцето и си го земаат својот данок. Сепак, оваа набљудувачка студија не докажува дека емоциите предизвикуваат проблеми врз здравјето и дека останатите фактори, како генетиката, се помалку влијателни. Но, секако може во голема мерка да биде од помош.
„Познато ни беше дека луѓето кои се во лоши бракови многу често се болни“, вели д-р Левенсон. „Досега не можевме да предвидиме одредени здравствени исходи. Но, сега, најверојатно можеме. Доколку вашите кавги често прераснуваат во гласно викање и плачење, можеби треба да закажете преглед кај кардиолог“, советува д-р Левенсон.