На вашиот живот не му треба среќен крај за да биде добра приказна
Сите сакаме да го најдеме својот среќен крај. Секој филм, секоја приказна, секое сценарио кое сме го виделе како малечки завршило на ист начин: Ликовите кои ни беа омилени секогаш завршуваа заедно. Нивните проблеми исчезнаа. Никогаш повеќе не се свртија кон минатото и продолжија напред. Живееја „среќно до крајот на животот.“ И така, почнавме да веруваме дека и нашите приказни ќе имаат сличен расплет.
Се разбира, како што растевме така се ослободувавме од бајките и магијата. Сите сфативме дека тие не се толку валидни, туку само малку поучни. Ние не сме „дамите во опасност“ кои го чекаат херојот да ги спаси и „среќни до крајот на животот“ е многу покомплицирано отколку што мислевме. А, сепак еден дел од нас никогаш не престанува да го бара тој концепт.
Ги бараме решенијата на сите наши проблеми. Сакаме нашите приказни добро да се плетат пред да преминеме на следното поглавје и пресврт. Ние сѐ уште ги посакуваме среќните краеви, само повеќе не ги препознаваме како такви. Но, овие мисли можат да нѐ залажат, бидејќи во реалноста, приказните не завршуваат секогаш среќно.
Понекогаш, на крајот, ја губиме личноста со која сакавме да го поминеме нашиот живот. Не ја спасивме личноста која сакавме да ја спасиме. Бескрајно работиме за да постигнеме нешто во кое сме ги вложиле и срцето и душата и сепак, не успеваме. Но, никогаш не застануваме да помислиме дека можеби нашите приказни никогаш не требало да завршат среќно.
Можеби го гледаме животот како драма или романтична приказна, наместо приказна за силата. За истрајноста. За враќањето од местото од коешто сме мислеле дека никогаш нема да се вратиме и за храброто чекорење напред.
Затоа што ова е вистината за сите приказни: Најдобрите никогаш не завршуваат среќно.
Тие завршуваат вистински. Искрено. Завршуваат на начин кој го истакнува она што покажува што значи да се биде човек. Најдобрите приказни не нѐ носат секогаш во магични светови и утопии каде сѐ е совршено. Најдобрите приказни нѐ носат назад во овој свет. Нѐ учат како да се соочиме со понекогаш суровата реалноста на животот.
Но, сѐ додека неуморно бараме среќен крај, никогаш нема да ги научиме тие лекции. Никогаш нема да си дозволиме да ги прифатиме и да се развиваме од нив. Можеби не го разбираме крајот бидејќи едноставно сѐ уште не сме стигнале до него. Бидејќи мислиме дека поглавје број 10 или 20 или 30 е крајот, а сепак имаме уште стотици страници низ кои треба да поминеме.
Можеби на крајот од приказната ќе завршиме сами. Можеби ќе завршиме со некој друг. Можеби ќе завршиме некаде каде што никогаш не сме очекувале да бидеме. Можеби постојат 12.000 различни шанси за среќа кои стојат токму пред нас, но ние не ги забележуваме бидејќи безнадежно се нервираме за оној крај кој не сме го добиле.
Можеби можеме да бидеме совршено среќни со крајот кој го имаме, ако си дозволиме. Или ако едноставно застанеме за да сфатиме дека, после сево ова време, ние сме тие кои го држеле пенкалото.