На колку години го достигнувате врвот на вашите когнитивни способности?
Едно ново истражување кое било базирано на 3.305 играчи на онлајн-игри, сугерира дека врвот на когнитивните моторни перформанси се достигнува на 24 години. Овие резултати доаѓаат од една од првите студии кои примениле таканаречени „големи податоци“ (податоци кои се толку обемни што мора да се разгледуваат со помош на специјализиран компјутер).
Играта со која се анализирале овие податоци е „Star Craft 2“, а податоците се прибирале со повеќе од илјадници часови поминати во играње. Истражувањата се фокусирале на времето кое им било потребно на играчите да реагираат на своите противници. Водечкиот автор на оваа студија, Џо Томпсон, ги објаснува резултатите:
„Околу 24-тата година, играчите покажуваа намалување на когнитивната брзина која е познато дека е важна за перформансот. Ова намалување на когнитивната перформанса се појавуваше дури и кај поискусните играчи.“
Но, интересно е тоа што постарите играчи, без разлика на нивната успореност, сепак успевале да бидат на истото ниво како и нивните помлади соиграчи. Во споредба со нив, постарите имале тенденција да употребуваат пософистицирани кратенки кои надокнадувале за нивната побавна реакција. Томпсон продолжува:
„Постарите играчи, и покрај тоа што се побавни, изгледа дека компензираат со примена на поедноставни стратегии и со користење на интерфејсот на играта многу поефикасно од младите играчи, така што тие ја задржуваат својата способност без разлика на намалувањето на брзината на когнитивните способности.“
Авторите заклучиле дека овие резултати придонесувале за многу подинамичен поглед кон промените во когнитивните перформанси кои се случуваат со текот на годините.
„Нашите секојдневни перформанси, без разлика на годините, се резултат од константна комбинација на промените и приспособувањата.“
Овие откритија ги поддржуваат сите останати во ова поле кои укажуваат на фактот дека нашите когнитивни моќи се намалуваат со тек на време. Но, она што е релативно ново се годините кога истражувачите веруваат дека започнува ова намалување.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.