Музата на Ботичели – Симонета Веспучи
Автор: Ема Јакимовска
Ренесансната италијанска уметност се смета за еден од најубавите периоди во историјата на уметноста. Еден од најпознатите уметници од тој период е Сандро Ботичели, сликар од Фиренца, кој ги насликал двете најзначајни дела за ренесансното сликарство – „Раѓањето на Венера“ и „Пролет“. Двете слики, како да укажуваат на постоењето на муза, за која историчарите на уметноста веруваат дека е Симонета Веспучи, најубавата жена во Фиренца, а оттука и во целата ренесанса.Симонета Веспучи е родена во Порто Венере, во околијата Џеона, во 1453-та година. Таа била ќерка на благородниците Гаспаре Катанео дела Волта и Катокја Спинола де Кандија. На 16 години, Симонета, стапила во брак со Марко Веспучи, студент во Фиренца и далечен роднина на Америго Веспучи. Марко бил лудо заљубен во Симонета и неговиот предлог за брак бил прифатен поради добрите врски со семејството Медичи од Фиренца. Симонета и Марко се зеле во 1469-та во Фиренца, во палатата на Медичи. Медичи веднаш ја засакале Симонета. Нејзината убавина и женственост ја освоиле цела Фиренца и станала опсесија на многу мажи. Џулијано де Медичи, веројатно бил нејзиниот најблагороден додворувач и не се срамел тоа јавно да го искаже.
Наведено во историјата е дека на еден витешки натпревар во 1475-та година, одржан на главниот плоштад во Фиренца, имало банери со ликот на Симонета, претставена како Палас Атена, а насликана од самиот Ботичели. Под сликата стоел насловот „La Sans Pareille“, односно „Неспоредливата“.Од тој момент па наваму, Симонета станала позната како најубавата жена во Фиренца, а подоцна и во самиот ренесансен период.
Џулијано победил на витешкиот натпревар, а со тоа ја добил љубовта на Симонета, која на настанот била номинирана за „Кралица на убавината“. Дали станале љубовници е сè уште непознато. Симонета починала во април, во 1476-та година, од туберкулоза, на само 22-годишна возраст.
Како и да е, нејзината убавина сè уште живее на сликите на Ботичели, барем многумина веруваат дека ликот е всушност нејзин. Фигурата која постојано се појавува во неговите дела, со класична убавина и долга, руса, лелеава коса вистина одговара на описите на Симонета. Иако некои од историчарите на уметноста се сомневаат за постоењето на љубовна врска меѓу Ботичели и Симонета, сепак не може а да не се шпекулира за такво нешто меѓу најубавата жена во ренесансата и најпознатиот сликар во истиот период. Едноставно звучи предобро за да биде случајност.Сличностите меѓу Симонета и фигурата во сликите на Ботичели се неоспорливи, иако многумина веруваат дека тие карактеристики ја претставуваат женската ренесансна убавина воопшто, а не дека укажуваат на поврзаност со одреден лик. Како и да е, едно е вистина, а тоа е дека Ботичели дефинитивно бил назначен да изработи портрет на Симонета по повод витешкиот натпревар, и можеби тоа било местото каде романсата меѓу нив всушност започнала.
Има еден факт кој укажува на тоа дека врската меѓу Симонета и Ботичели била повеќе од односот меѓу муза и уметник. Кога Ботичели починал, во 1510-та година, побарал да биде закопан крај Симонета, во црквата во Оњисанти, во Фиренца. Неговата желба била исполнета.
Иако светот е сведок на подемот и падот на многу музи од 15-от век па натаму, тешко е да се замисли дека постоела посилна, повитешка врска од онаа на најубавата жена во ренесансата и најуспешниот сликар од периодот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.