Моќта на театарот: Зошто театарската уметност има огромно влијание на нашиот личен развој? - Part 2

Моќта на театарот: Зошто театарската уметност има огромно влијание на нашиот личен развој?

СПОЗНАВАЊЕ НА СЕБЕСИ

Покрај тоа што ни помага да се опуштиме, театарот може да ни помогне и да се спознаеме себеси.

„Имаме потреба од театар зашто театарот е стимул за нашите емоции, чувства, епифании, сеќавања и катарза. Театарот ни овозможува да се идентификуваме со приказната, настаните и ликовите на една театарска претстава и на тој начин да предизвика чувство на емпатија кај нас односно емотивно да нѐ допре. Преку театарот се спознаваме себеси, но ги спознаваме и другите околу нас. Театарот нѐ враќа низ сеќавањата и буди спомени кои ги препознаваме во настаните што се одигруваат на сцена или пак ги препознаваме кај нас самите“, објаснува Андоновски.

Сигурно ви се случило да се пронајдете во лик или настан од некој филм. Чувствата се многу интензивни, се согласувате? Сега замислете си ликот со кого се идентификувате да одигрува сцени од животот пред ваши очи. Емоциите би биле многу посилни и повлијателни! Би можеле да го забележите секој негов потег и поглед, јасно да го чуете секој негов збор и целосно да го почувствувате неговото присуство. Театарот ни го овозможува тоа незаборавно искуство! Театарот ја има моќта да нѐ натера да станеме свесни за сопственото битие и карактер. Ништо не може да ни ги отвори очите како што тоа може да го направи добрата театарска претстава!

Моќта на театарот: Зошто театарската уметност има огромно влијание на нашиот личен развој?

Кои вештини може да ги развие театарот кај луѓето?

КОМУНИКАЦИСКИ И ПРЕЗЕНТАЦИСКИ ВЕШТИНИ

Доколку сте биле членови на драмската секција во основно и средно училиште или пак сте посетувале часови по театарска уметност, сигурно сте забележале голем напредок во вашите комуникациски и презентациски вештини. Резултатите од истражувањето на м-р Андоновски, каде што учествувале 30 средношколци од Македонија од различна културна и етничка припадност на возраст од 14 до 18 години и кои го следеле предметот Театарска уметност, покажале дека сите испитаници го почувствувале позитивното влијание на предметот врз нивните комуникациски и презентациски вештини.

„Сите учесници во ова истражување почувствувале високо позитивно влијание врз способноста да остваруваат релации со своите врсници, пријатели, родители, благодарение на искуствата и знаењата усвоени од следењето на наставата по Театарска уметност“, открива театарскиот педагог.

Тие исто така се чувствувале посигурни да презентираат и да говорат во јавност, што сите знаеме дека е многу корисна вештина потребна за градење успешна кариера во која било област. Речиси сите повисоки работни позиции бараат одлични говорни и изведбени способности. Токму театарот ја нуди можноста за нивно развивање на забавен и креативен начин.

Моќта на театарот: Зошто театарската уметност има огромно влијание на нашиот личен развој?

ЕМОЦИОНАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Сигурно сте чуле многупати досега дека емоционалната интелигенција е една од најзначајните особини во денешно време. Многу е важно луѓето да можат да ги именуваат и опишуваат чувствата со кои се соочуваат, но и да ги препознаваат кај другите поединци. Точните проценки и и способноста правилно да се постапи во секоја можна ситуација се вештини кои значително го олеснуваат секојдневното функционирање. Верувале или не, театарот има големо влијание и врз емоционалната интелигенција кај луѓето. Тоа го докажуваат резултатите од истражувањето на Андоновски, во кое сите испитаници потврдиле дека предметот Театарска уметност извршил позитивно влијание на нивната емоционална интелигенција, освен еден кој не забележал никакво влијание.

Сигурно се прашувате зошто е тоа така? Глумењето на сцена, соочувањето со разни околности и ситуации, како и соработката со луѓе кои имаат различни карактери придонесуваат за развојот на емоционалната интелигенција кај сите поединци кои на каков било начин се вклучени во театарскиот процес. Тоа не значи дека треба да станете актери за да ги почувствувате овие влијанија. Доволно е да станете свесни за моќта на театарот и да се здобиете со театарска култура и образование или барем еднаш да се обидете да застанете аматерски на сцена, чисто онака колку да ја доживеете магијата на даските што живот значат.

Ова се само дел од многуте позитивни придобивки на театарската уметност. Не постои сомнеж дека моќта на театарот е огромна и не смее да се занемарува. Треба да станеме свесни за неговото влијание врз нашиот личен развој и да го искористиме за да го извлечеме најдоброто од себе. Театарот може да ве претвори во емоционално интелигентни говорници со извонредни комуникативни и презентациски вештини кои немаат проблем да се ослободат од негативната енергија и да се спознаат себеси. Со оглед на сите овие значајни придобивки, можеби еден ден и ќе се воведе предметот театарска уметност како задолжителен предмет во училишното образованието, којзнае?!

Моќта на театарот: Зошто театарската уметност има огромно влијание на нашиот личен развој?

Дотогаш, доколку сакате да ги развиете сите овие животни вештини и лично да ја почувствувате моќта на театарот, следете ги уписите во училиштето-идеја Театар за сите кое се обидува да им го доближи театарот на сите љубители на оваа уметност, на рекреативен и забавен начин, без оглед на возраста и професијата. Никогаш не е доцна да станете театарџии и да ги осознаете сите волшепства што ги нуди најмоќното изразно средство – театарот!

Во продолжение погледнете го овој театар стар 100 години претворен во библиотека од соништата.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар