Мизофонија: Зошто некои звуци ги доведуваат луѓето до лудило?
Мизофонијата претставува „нетолеранција“ на некои звуци, но овој поим се однесува на нешто покомплицирано од едноставното „мразење“ звуци.
За луѓето кои патат од синдромот „селективна осетливост на звук“ – мизофонија, некои речиси незабележливи звуци како што е оној на грицкање чипс, предизвикуваат неподносливо чувство во нивната глава, како да се наоѓаат во безизлезна ситуација.
Изразениот прилив на негативни чувства, најчесто бес и анксиозност, е мистериозна состојба која се јавува како одговор на некои звуци кои секојдневно ги слушаме. Звукот на џвакање, пеење, пишување на тастатура, па дури и на сопственото дишење, кај луѓето со мизофонија создава чувство кое е поинтензивно од едноставна непријатност. Сепак, честа е дилемата дали ова може навистина да се смета за ментално нарушување.
„За разлика од луѓето кои велат дека им пречи кога некој грицка чипс во кино за време на филм, луѓето со мизофонија навистина страдаат“, објаснува професорот по психијатрија на Универзитетот во Амстердам, Демијeн Денис за „Лајф сајнс“.
Децата со мизофонија, често имаат и други пропратни нарушувања како што е синдромот на недостаток на внимание и хиперактивност (АДХД) или аутизам.
Истражувањата објавени во едно медицинско списание откриле дека кај лицата со мизофонија, звучните предизвикувачи (тригери) активираат делови од мозокот кои ги регулираат стравот и емоциите, како и оние кои се одговорни за создавање долготрајна меморија.
Применувајќи различни техники за снимање на мозокот, научниците откриле дека врската меѓу овие делови на мозокот се структурно поцврсти и поинакви кај луѓето кои се селективно осетливи на звук. Но, иако снимките се индикатор дека постои аномалија, оваа „состојба“ сѐ уште не е општоприфатена како нарушување.
Потврдено е дека кога ќе чујат звук што ги иритира, личностите со мизофонија доживуваат забрзана работа на срцето и препотување, а научниците тоа го објаснуваат со променетото функционирање на механизмите за емоционална контрола во мозокот.
Поради тоа што мизофонијата сѐ уште е неодреден поим, и нејзиниот третман не може прецизно да се дефинира. Психијатрите велат дека некои пациенти имаат анксиозност, некои бес, а некои гадење кога ќе слушнат звуци на кои се осетливи, а за да им помогнат да ја контролираат оваа состојба, тие користат различни терапии, во зависност од манифестираната емоција.
Автор: Наталија Наумовска