Луѓето кои чуваат куче имаат повеќе пријатели, но оние кои чуваат мачка имаат поблиски пријатели
Постои долгогодишна дебата меѓу луѓето околу тоа кој миленик е подобар: Кучето или мачката. Веројатно никогаш не би можело да се најде вистински аргумент што би ја поддржал едната или другата страна, но благодарение на новите истражувања, конечно имаме можност да ја согледаме разликата помеѓу луѓето кои чуваат куче и оние кои чуваат мачка.
Можеби отсекогаш сте мислеле дека љубителите на мачки се понезависни, а љубителите на кучиња подруштвени. Секако дека најмногу зависи од карактерот на човекот, но сепак постојат одредени разлики меѓу овие два типа луѓе.
Луѓето кои чуваат куче сепак имаат повеќе пријатели, околу 26 повеќе од оние кои чуваат мачка. Меѓутоа, љубителите на мачки не се чувствуваат лошо поради тоа. Тие добиваат повеќе покани за забави и собири, веројатно поради нивниот потесен круг на пријатели. Па така, доколку чувате мачка, можеби немате огромно друштво, но затоа имате можност да му посветите повеќе време на секој пријател поединечно, што доведува до долготрајни и квалитетни пријателства.
Но, дали луѓето кои чуваат мачка повеќе се дружат со други луѓе кои чуваат ист миленик? Резултатите од истражувањата покажуваат дека тоа е навистина така. Луѓето кои ги обожаваат тие мали носиња и розови шепи навистина повеќе сакаат да се дружат со луѓе кои ја делат истата љубов кон малите мачиња.
Љубителите на кучиња, пак, немаат проблем да го прошируваат кругот на пријатели со луѓе кои чуваат најразлични миленици, што уште еднаш го докажува фактот дека се подруштвени и поотворени кон нови познанства.
Освен тоа, кај сопствениците на мачки постои поголема веројатност да останат сингл подолго време за разлика од сопствениците на кучиња. Имено, околу 30% од љубителите на мачки се сингл, во споредба со 24% од љубителите на кучиња. Сепак, не станува збор за огромна разлика, така што стереотипот дека жените што не можат да најдат партнер ќе завршат со еден куп мачки, не е оправдан. Веројатно се работи за тоа дека луѓето кои чуваат мачки се попребирливи кога станува збор за изборот на партнер.
Уште едно интересно откритие е фактот што љубителите на мачки го обожаваат научно фантастичниот жанр на филмови и литература, додека, пак, љубителите на кучиња најмногу уживаат во љубовни романи и романтични комедии. Меѓу сопствениците на кучиња и мачки постои разлика и во однос на тоа каде повеќе сакаат да живеат. Луѓето кои чуваат кучиња се љубители на руралните средини и преградија, за разлика од сопствениците на мачките кои повеќе го сакаат градскиот живот.
Сепак, истражувачите се согласуваат дека интересите и особините на сопствениците на овие две животинчиња се испреплетуваат и тешко е да се одреди границата меѓу нив, иако постојат очигледни разлики.
На крајот на краиштата, без оглед на тоа дали повеќе сакате кучиња или мачки, сигурно ќе се согласите дека секое милениче е супер бидејќи секое може да донесе радост и среќа на свој сопствен уникатен начин.