Луѓето, едноставно, се „празни“…
Во 1969 година издавачот Џон Мартин му понудил на тогаш сè уште неафирмираниот писател Чарлс Буковски да му исплаќа 100 долари секој месец (денеска тоа би биле 490 долари), но само под услов да ја напушти работата во пошта и да стане писател. Буковски, тогаш на возраст од 49 години, го направил токму тоа, а по две години веќе почнал да заработува од пишувањето. Благодарен за огромната услуга што му ја направил неговиот издавач, во 1986 година му го пратил ова писмо во кое објаснува колку е среќен поради неговата одлука.
За жал, покрај задоволството на славниот писател од писмото може да се забележи дека работите од 1986 година до денес воопшто не се променети. Најзастрашувачки од сè е тоа што е можно овде да ги препознаеме условите во кои работиме ние денес во Македонија.
Здраво Џон,
Ти благодарам за убавите зборови. Мислам дека не боли одвреме-навреме да се потсетиш од каде доаѓаш. Ти знаеш од каде доаѓам јас. Но, луѓето кои се обидуваат да пишуваат или да снимаат филмови за тоа не сфаќаат. Тие тоа го нарекуваат „работа од 9 до 5“. Никогаш не е од 9 до 5, таму нема паузи за ручек, всушност, таму е подобро да не правиш пауза за ручек ако сакаш да ја задржиш работата. Има и прекувремена работа, а тоа ретко кој го забележува. Ако се пожалиш, секогаш има некој нов кој чека да го земе твоето место.
Знаеш дека отсекогаш велев:
„Ропството никогаш не беше напуштено, само сега се применува над сите раси.“
Најмногу ме боли тоа што постојано се намалува човечнота кај оние што грчевито се обидуваат да ги задржат своите работни места, а уште повеќе се плашат од алтернативата. Луѓето едноставно се „празни“. Луѓето се тела полни со страв и послушност. Немаат боја во очите. Гласот им станува грд. И телото. И косата. И ноктите. Чевлите. Сè.
Кога бев млад не можев да поверувам дека луѓето можат да си го потрошат животот на работа во такви услови. Сега кога сум старец, сè уште не ми се верува. Зошто го прават тоа? Заради секс? За да имаат телевизор? Автомобил кој го исплаќаат на месечни рати? Или заради децата? Заради децата кои ќе ги прават потполно истите работи како и тие?
Порано, кога бев многу млад и кога се префрлував од едно на друго работно место бев доволно наивен за да им велам на колегите:
„Еј, шефот може да влезе овде во секој момент и да нè отпушти сите без око да му трепне, разбирате ли?“
Тие само бледо ќе ме погледнеа. За нив јас бев нешто на коешто не сакаа да мислат.
Денеска во индустријата има многу отпуштања. Отпуштени заедно со уште стотици и илјадници други, лицата на работниците се запрепастени:
„Таму оставив 35 години од животот…“
„Ова не е добро…“
„Не знам што ќе правам сега…“
Тие никогаш не им плаќаат доволно на робовите за да бидат слободни, туку само колку да преживеат и пак да се вратат на работа. Јас го гледам сето ова. Но, зошто тие не можат да го видат? Јас сфатив дека е убаво на клупа во паркот или да се биде кафански човек. Зошто да не го пробам прво тоа пред другото? Зошто да чекам?
Паметам, еднаш кога работев во фабрика за сијалици, еден од работниците што пакуваа рече:
„Никогаш нема да бидам слободен“.
Токму тогаш покрај нас поминуваше еден од шефовите (се викаше Мори) и слатко се изнасмеа, уживајќи во фактот дека овој човек беше заглавен таму за цел живот.
Имав среќа конечно да излезам од тие кругови, но без оглед на тоа колку долго ми требаше за да го постигнам тоа, сепак добив чувство на радост, преубава радост поради чудото кое го доживеав. Сега на хартија пренесувам мисли од стар ум и старо тело, многу подоцна отколку што повеќето луѓе би размислувале да почнат со тоа, но штом почнав толку доцна си должам себеси да продолжам со тоа, а кога ќе почнам да пелтечам, да имам проблем да се качам по скалите и да не можам да направам птица од хартија, тогаш ќе можам да се сетам низ што сè сум поминал за да стигнам барем до можност достоинствено да умрам.
Да не го потрошиш целиот живот залудно изгледа е голем успех, па макар и да се работи само за мене.
Твој,
Хенк
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.