Љубљански замок – совршен спој на минатото и сегашното!
Доколку Љубљана е на вашата листа на патување, морате да го посетите интригантниот замок кој се издига високо над градот.
Станува збор за средновековен замок кој е сведок на славното минато на градот, но и доказ за тоа како старото и новото можат да функционираат во совршена симбиоза.
Освен тоа, замокот со својата грандиозност му пркоси на времето бидејќи успеал да опстане сè до денес и да стане симбол на градот.
Сепак, замокот во Љубљана не е само место каде можете да научите нешто повеќе за историјата на градот, туку и место кое ќе ви овозможи да фрлите поглед и кон секојдневието на локалните жители.
Денес, замокот е место за средби, состаноци, па дури и за венчавки. Се чини дека замокот не останал само сведок на некои дамнешни времиња, туку тој одново и одново ја испишува историјата.
Долгата историја на замокот најверојатно се должи и на самата негова локација. Се смета дека местото на кое е лоциран порано било користено од страна на Римјаните како тврдина. Сепак, вистинскиот замок бил изграден во 1144 година и тоа како седиште на војводството Корушка. Целосно бил трансформиран во 15 век, кога бил проширен со големи ѕидини и кога биле изградени и кулите кои денес се издигаат на влезот на тврдината, а овде се наоѓал и подвижен мост.
Како и сите останати средновековни замоци, основната намена на љубљанскиот замок била одбраната од нападите на непријателот. За тоа сведочи и неговата позиција високо над градот.
Во текот на 19 век, пак, замокот се користел како воена болница, а потоа служел и како затвор. Сето тоа придонело за намалување на неговата популарност помеѓу населението. Но, во 1905 година, општина Љубљана го купила замокот, а подготовките за негово реновирање започнале во 1960 година и целиот процес траел околу 35 години.
Откако прочитавте за замокот во Љубљана. можеби ќе сакате да прочитате и за 9-те скриени културни богатства на Словенија.
Извор: roadtripsaroundtheworld.com