Лесно заборавате? Дознајте ја вистината зад овој незгоден проблем
Малкумина се оние кои не доживеале момент кога едноставно извршуваат некоја активност и потоа одеднаш го губат текот на сопствените мисли и забораваат што треба да направат. Таквата заборавеност знае да нè збуни, но едно ново истражување упатува на тоа дека нема потреба и простор за грижа.
Истражувањето што било спроведено во Торонто докажало дека моментите на заборавеност всушност се знак дека вашиот мозок работи правилно. Во истражувањето кое е објавено во списанието „Неврон“ пишува дека кога можете да се сетите само на одредени детали, тоа може да биде знак дека вашиот мозок подобро ги сортира информациите и разликува која информација ќе ви биде корисна во иднина.
За потребите на студијата, истражувачите ги проучиле претходните студии и заклучиле дека создавањето нови неврони во хипоталамусот, делот од мозокот кој е одговорен за меморијата, всушност го поттикнува заборавањето на одредени сеќавања за да се направи место за некои поважни информации.
„Важно е мозокот да ги заборави неважните детали и да се фокусира на работите што ќе ѝ помогнат на личноста да донесува одлуки во реалниот свет“, вели главниот автор на студијата, професорот Блејк Ричардс.
Ако помнењето детали ни помага да донесуваме подобри одлуки, има смисла нашиот мозок да ги филтрира знаењата што ни се потребни за да донесеме поточна и пологична одлука.
Своите заклучоци научниците ги темелат на студијата од 2017 година, која открила дека заборавеноста е високо развиен облик на интелигенција, односно дека луѓето кои подобро помнат сложени пораки, а не едноставни детали, имаат поголем коефициент на интелигенција.
Затоа, следниот пат кога во одреден момент ќе го заборавите роденденот на вашата пријателка, лозинката од профилот или каде сте ги оставиле клучевите од автомобилот, немојте да се вознемирувате, бидејќи најверојатно вашиот мозок на тој начин само создава ново место за поважна меморија која ќе ви помогне во донесувањето на некои поважни одлуки.
Понекогаш проблемите со помнењето може да бидат посериозни, па добро е да проверите што ја предизвикува лошата меморија.