Лекции за љубовта и пријателството од хит-комедијата „Пријатели“
10 години нè забавуваа смеејќи нè до солзи, нè шармираа со својата глума, но и нè поучија за некои работи во животот. Серијата „Пријатели“ ќе остане како едно од најпопуларните и најуспешните шоуа во историјата. Оригинални, забавни и неповторливи. Вреди да направиме еден ретро-преглед на најголемите лекции кои сме ги научиле гледајќи ја оваа серија.
Секој си има сродна душа
Во серијата изобилуваа секакви карактери и неретко можевме да се поистоветуваме со нив. Бубалици, опседнати со чистота, по малку чудни, луѓе со несфатлива смисла за хумор, оние со навика да биде по нивно, разведени, несериозни итн… што всушност на некој начин нагласува дека никој не е совршен, па дури ни во филмовите. Она што со сигурност го научивме од ултрапопуларната серија е дека секој, без разлика на своите мани и негативности, може да си најде некој спроти себе. Некој кој ќе го сака, разбира, дури и обожува сето она што е чудно кај него. Што би рекол Рос, секој си има свој јастог.
Секогаш бидете сигурни кон што се стремите и што сакате
Моника беше вљубена до уши во Ричард, но паметно реши да ѝ стави крај на врската која немаше никаква иднина. Кога очигледно и двете страни имаат различни интереси, сфаќања, погледи за иднината и животни очекувања, врската се претвора во губење време и уште посилно кршење на срцето.
Секој понекогаш има лош ден
Во серијата во многу наврати главните ликови имаа лош ден и искусуваа несреќни моменти. Но пријателството е како лековита билка. Пријателите се оние кои ве вадат од каша и ве развеселуваат на нивен уникатен, можеби и по малку чуден начин.