Кремираните остатоци на починатите сега можат да бидат отпечатени на грамофонска плоча
Пепелта од процесот на кремирање сега може да биде претворена во грамофонска плоча благодарение на компанијата Vinyly. Услугата која подразбира претворање на пепелта од починатите во целосна грамофонска плоча чини околу 3.000 фунти, или околу 3.500 евра. За оваа сума на пари ќе добиете 12-минутен аудио материјал на секоја страна кој може да се состои од последните зборови и сеќавања, сопствена музика или од крцкањето и пукањето на пепелта.
Потоа, потрошувачите, човекот кој е на смртна постела или неговите преживеани сакани, можат да одберат голем број различни конфигурации. Омотот на плочата може да содржи портрет создаден од Џејмс Хаг или Пол Инсект, надополнет со важни детали како што се датата на раѓање, датата на умирање и разни винил налепници.
Vinyly ја нуди оваа услуга на „луѓе, делови од луѓе и домашни миленици“ веќе неколку години. Периодов е одлично време за вакво нешто со оглед на фактот дека продажбата на грамофонски плочи е значително зголемена поради сериозната носталгија која ги има зафатено Европа и Америка.
Vinyly се наоѓа во Велика Британија и компанијата делува како да ја потценува сериозноста на еден толку несреќен и мрачен настан како што е смртта.
„Кога музичкиот албум на животот ќе го достигне крајот, зар не би било убаво плочата да се врти цела вечност? Ние ви ја нудиме шансата да ја отпечатите вашата кремирана пепел на грамофонска плоча, која вашите сакани ќе ја чуваат и пренесуваат од генерација на генерација. Надживејте го грувот!“, пишува на нивниот веб сајт.
Потрошувачите се обично луѓе кои знаат дека им се ближи крајот. Пријателите и членовите од семејството можат самите да присуствуваат на печатењето, кое вклучува попрскување на пепелта на плочата и нејзино печатење. Потоа, тие самите ги одредуваат останатите детали. Vinyly нудат и организација на погребот за дополнителни 10.000 фунти, односно околу 10.500 евра.
Мозокот зад овој чуден концепт е Џејсон Лич кој во 90-тите ја има основано дискографската куќа EDM. Изворот на идејата за Vinyly потекнува од неговото сопствено искуство со кремирање на неговите роднини, како и со фактот што неговото семејство се занимавало со погребални услуги.