Кратки поучни приказни
Одвојте неколку минути за да ги прочитате овие поучни приказни. Со сигурност ќе ве натераат на размислување.
Што е тоа?
Родителите се наша заштита, наши пријатели и советници, чекорат заедно со нас во животот и нѐ упатуваат кон вистинските патишта. Но дали секогаш правилно ја вреднуваме нивната љубов, дали секогаш соодветно им возвраќаме за нивната грижа?
Еден постар човек заедно со својот син седел во дворот на еден старечки дом, каде што тој бил згрижен. Одеднаш на една гранка слетало врапче. Покажувајќи кон врапчето, стариот човек го прашал синот „Што е тоа на дрвото?“
Синот му одговорил: „Татко, тоа е врапче“
Не минало долго време, а таткото повторно го прашал синот: „Што е она?“
На ова синот повторно му одговорил: „Тоа е врапче“.
По некое време таткото го поставил истото прашање. На ова синот нервозно одговорил: „Врапче е татко, тоа е врапче!“
Поминале неколку минути кога таткото повторно прашал: „Што е она на дрвото?“
Синот започнал да вика: „Колку пати треба да ти повторам дека тоа е врапче!“
Таткото смирено заминал во својата соба и по неколку минути излегол држејќи стар дневник. Отворил една страница и почнал да чита:
„Денес мојот малечок син наполни 4 години. Седевме заедно во дворот од нашата куќа, кога на една гранка слета врапче. Мојот син 20 пати ме праша каква е таа птица, а јас 20 пати смирено му одговорив дека тоа е врапче. Бидејќи чувствував искрена љубов и грижа за својот син, ќе му повторев и уште 20 пати ако ме прашаше.“
Кутија со бакнежи
Честопати го истураме бесот врз своите најблиски, потоа се каеме што сме ги повредиле.
Едно семејство било во многу тешка финансиска ситуација. Се ближеле празниците, а таткото забележал дека неговата ќерка ја потрошила целата украсна хартија за подароци. Нервозно почнал да вика по малото девојче.
Наредниот ден девојчето му донело подарок на својот татко, завиткан во украсната хартија. Таткото ја наведнал главата поради својата претходна реакција. Но, кога ја отворил кутијата, забележал дека во неа нема ништо. Се свртел кон девојчето и почнал да вика: „Зарем не знаеш дека кога даваш подарок внатре треба да има нешто?“
На ова девојчето возвратило: „Па тато, тоа не е празна кутија. Нели гледаш колку бакнежи имам ставено во неа?“. Таткото се засрамил од своите постапки. Неговата малечка ќерка, која едвај имала 5 години, знаела повеќе за вистинските вредности во животот од него самиот.
Ручек со Бог
Често забораваме што е она што нѐ одржува во живот. Нечија насмевка, допир, подадена рака, комплимент и поддршка. Различни луѓе секојдневно влегуваат во нашите животи. Треба да им ги отвориме портите, да им покажеме внимание и да ги третираме еднакво.
Едно момче тргнало да го бара Бог. Во случај да огладне патем, си го наполнил ранецот со кутија колачиња и овошен сок. Одејќи така стигнал до еден парк каде седел постар човек. Му се причинило на момчето дека човекот е гладен, па му понудило од своите колачиња. Старецот прифатил насмевнувајќи се. Потоа момчето му понудило и од сокот. На ова старецот уште повеќе се насмевнал. Така седеле во паркот со часови, јаделе колачиња и пиеле сок. По некое време момчето тргнало да си оди, но се навратило за да го прегрне старецот. Старецот раширил голема, искрена насмевка на своето лице, а на момчето насмевката му се причинила како да е волшебна.
Кога момчето се вратило дома мајката го прекорила што се враќа толку доцна, па го прашала каде се задржал. На ова момчето одговорило: „Мамо, денес ручав со Бог. Тој има најубава насмевка.“
Кога старецот се вратил дома, неговите синови забележале дека е многу радосен, а тој им рекол: „Денес јадев колачиња со Бог во паркот, тоа ме направи многу среќен.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Погледнете го и ова кусо филмче http://www.youtube.com/watch?v=xWJq1SvgWQ0, преку кое првата приказна од постот, ќе ви стане уште помила. 😉
Се е добро , ми помогна 🙂
Мене за на училиште ми се најде.