Колку добро ги познавате вашите најблиски пријатели?

Колку добро ги познавате вашите најблиски пријатели?

Колку добро го познавате начинот на кој размислуваат вашите сакани? Ако сте како повеќето луѓе, сигурно сметате дека сте ги сфатиле вашите најблиски. Но, пристрасноста може да предизвикува недоразбирања помеѓу луѓето. И во некои ситуации, доколку се работи за блиски пријатели, токму таа пристрасност може да биде многу полоша.

Колку добро ги познавате вашите најблиски пријатели?

„И покрај тоа што веруваме дека можеме многу лесно да влеземе во главите на другите, понекогаш ние сме многу повеќе заглавени во нашите сопствени глави одошто мислиме“, вели Лори Сантос, професор по психологија на Универзитетот Јеил. „Од друга страна пак, перцепцијата на другите луѓе често влијае врз нашата, што ни прави да ни биде уште потешко при разбирањето на вистинските желби на другите.“

Читачи на мисли

Сите ние веруваме дека сме искусни читачи на мисли и дека уште од млади имаме неверојатна способност да погодиме што другите мислат. Но, и покрај сè, ние сепак се заглавуваме помеѓу две когнитивни пристрасности кои ни предизвикуваат недоразбирања. Едната од овие две когнитивни пристрасности е наречена егоцентрична пристрасност, којашто предизвикува луѓето да ги проектираат своите намери и желби на оние околу нив многу повеќе отколку што сфаќаат.

Во серија од студии направена во 2004 година, истражувачите поставиле полици со предмети на средината на една соба. Од една страна, учесник во истражувањето извикувал инструкции, како на пример, „помести го малиот автомобил на лево“ додека другиот учесник кој се наоѓал од другата страна ги слушал неговите инструкции и ги поместувал предметите на полицата. Бидејќи некои од полиците имале подлабока позадина, секој испитаник гледал малку поразлична колекција на видливи предмети, и додека за едниот од нив еден автомобил можеби изгледал како најмал, за неговиот партнер тој можеби не бил најмалиот.

Тимот открил дека децата имаат тенденција да им кажуваат на соработниците да поместуваат предмети од нивната гледна точка, додека пак постарите луѓе успевале да се стават себеси во перспективата на нивниот партнер, но само со многу труд и време. Интересен е фактот дека доколку парот испитаници биле пријатели, тие многу полошо ја завршувале работата. И покрај човековата самодоверба, луѓето сепак имаат многу мала способност да ги читаат мислите на другите. Токму оваа самодоверба можеби е причината и зошто толку лесно можеме да западнеме во недоразбирање со саканите – со личностите кои сметаме дека одлично ги познаваме.

Следејќи ја публиката

Истовремено, луѓето често можат да бидат и под влијание на туѓите перцепции. Оваа состојба се нарекува алтерцентрична пристрасност, која е втората когнитивна пристрасност кај луѓето.

„Понекогаш, кога читате мисли, без да знаете многу повеќе ги земате предвид мислите на другите“, вели Сантос. На пример, додека гледаат во аватар на монитор од компјутер, на луѓето им е потребно повеќе време да кажат што гледаат бидејќи вниманието им го одвлекува она што го гледа самиот аватар. Од друга страна, еден вид мајмуни кои исто така учествувале во истражувањето, не покажале заинтересираност за она во што гледа аватарот.

Доколку на деца им дадете задача да донесат бонбони од кутија, тие ќе повторуваат смешни и непотребни чекори кои претходно ги виделе од возрасна личност која го правела истото – дури и кога кутијата била провидна и тие можеле да видат како функционира. Интересно е што шимпанзото е многу порационално. Тие ги следеле чекорите на човекот доколку не знаеле како функционира кутијата, но ако таа била провидна, тие веднаш го применувале најбрзиот начин до земањето на наградата.

Проблематична комбинација

Дуото когнитивни пристрасности можат да доведат до голем број недоразбирања. На пример, едно истражување од 2010 година во областа на еволутивната психологија, покажало дека луѓето во несериозните врски имаат тенденција да преценат колку удобно се чувствувале нивните партнери во одредени сексуални ситуации. Понекогаш, тие дури дозволуваат перцепцијата за другата личност да влијае врз нивната одлука. И токму поради тоа, луѓето можат да се најдат во ситуација каде ниту на едниот ниту на другиот не му е добро тоа што се случува, но сепак продолжуваат да го прават.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. struzanka Reply

    ми се допаѓаат текстовите од авторкава, keep up the good work

    • Моника Трајковска Reply

      Ви благодарам многу 🙂

  2. Vlatce Reply

    I jas non stop ja citam Monika koga i da nacekam statija od nea 🙂

Остави коментар