Колкав е рокот на траење на витамините и како да ги чувате?
Витамините можеби немаат ист рок на траење како вашата храна, но важно е да обрнете внимание на тоа од што се направени, во каква форма се наоѓаат и како треба да се чуваат за да бидат максималнo ефикасни.
За разлика од храната, луѓето обично не се толку внимателни со рокот на траење на другите производи (тампони, есенцијални масла, крем за сончање, па дури и витамини). Ако некогаш сте налетале на старо шише витамини и сте се запрашале дали сè уште се безбедни за консумирање, па, одговорот не е толку едноставен.
Лекарите и фармацевтите откриваат колку траат витамините, дали е безбедно да се пијат откако ќе им истече рокот и даваат најдобри совети за чување.
Колку траат витамините?
„Ако се чуваат правилно, повеќето витамини имаат рок на траење до две години“ – вели фармацевтката Џоана Луис. „Но, во зависност од формата, чувањето и состојките, тој датум може да варира.“
Дури и ако витаминот се распадне малку со текот на времето, можеби никогаш нема да ги изгуби силата и дејството или да стане штетен за консумирање.
Дали е безбедно да се земаат витамини со поминат рок на траење?
Повеќето луѓе ќе го забележат датумот на употреба наведен на пакувањето витамини. Иако овој датум може да им даде претстава на потрошувачите за тоа кога е време да го заменат производот, тој не е ист со рокот на траење што го гледате на храната.
Повеќето производители прават тестови за да утврдат колку време ќе му биде потребно на витамините за да ја изгубат силата и ова е обично датумот што ќе го видите на пакувањето.
Дали има несакани ефекти од консумирањето витамини со поминат рок на траење?
Витамините обично не се расипуваат како млекото и другата храна. Со други зборови, нема директни несакани ефекти од земањето витамини или додатоци по наведениот рок на употреба. Бидејќи тие се помалку моќни, можеби нема да ги добиете здравствените придобивки што ви се потребни од производот.
Што влијае на рокот на траење на витамините?
Може да има голема варијабилност во рокот на траење на витамините поради разликите во нивниот состав. Исто така, начинот на пакување и чувањето може да го променат нивниот рок на траење.
Видови витамини
Хранливите материи во форма на тврди таблети обично се најстабилни, додека витамините во капсули се почувствителни на разградување од влага и температура и може да се намали нивното дејство.
Општо земено, таблетите и капсулите траат подолго од гумените производи, тинктурите или течностите.
Ако земате витамини во прав, просечниот рок на траење е до една година откако ќе го отворите пакувањето.
Витамински состав
Состојките во рамките на витамините може да одредат дали тие ќе имаат краток или долг рок на траење. На пример, витаминот А е чувствителен на светлината, додека пробиотиците се чувствителни на високи температури.
Пробиотиците се состојат од живи бактерии, па затоа кога ќе им помине рокот на траење, се претпоставува дека бактериите се мртви и дека пробиотикот не е ефикасен.
Додатоците со висока содржина на масти, како што е рибиното масло, најдобро е да се чуваат подалеку од светлина бидејќи светлината може да ги оксидира масните киселини. Фолната киселина и витаминот Е се исто така почувствителни на светлина.
Начин на чување
За да го продолжите животот на витамините, чувајте ги затворени и на ладно и темно место.
Ако ги чувате подалеку од светлина, влага и топлина, ќе им го продолжите рокот на траење. Исто така, некои пробиотици и додатоци во исхраната (витамин Е, ленено семе) ќе траат подолго ако се чуваат во фрижидер, па затоа следете ги упатствата на нивното пакување.
Прочитајте кои се 8-те знаци со кои телото ви кажува дека ви се потребни повеќе витамини.