Која убавина е најважна за љубов? Паоло Коелјо дава необичен одговор на ова прашање
„Зајдисонцето е секогаш поубаво кога небото е обоено со облаци што имаат неправилен облик, бидејќи само така може да ги одрази различните бои што ги чинат сништата и стиховите на поетите“, напишал Паоло Коелјо во својата книга „Ракописот од Акра“, што ви ја пренесуваме во кратки црти…
Луѓето постојано велат: „Важна е внатрешната, а не надворешната убавина.“ Ништо не е подалеку од вистината. Да е така, зошто цвеќето толку би се трудело да го привлече вниманието на пчелата? Зошто капките дожд би се претворале во виножито кога ќе се сретнат со сонцето? Затоа што природата копнее за убавина и задоволна е само тогаш кога може да ја слави. Надворешната убавина е видлив дел од внатрешната убавина. Се појавува низ светлината што секому му сјае од очите. Не е важно дали таа личност е лошо облечена, не е во согласност со општоприфатената идеја за елеганција или воопшто не се грижи како ќе ги импресионира оние околу себе.
Убавината е присутна во сè што е создадено, но опасноста лежи во тоа што ние како луѓе, често сме одвоени од божествената енергија и поради тоа дозволуваме да нè заведе туѓиот суд. Ја негираме сопствената убавина бидејќи другите не можат или не сакаат да ја препознаат. Наместо да се прифатиме себеси онакви какви што сме, се обидуваме да го имитираме тоа што го гледаме околу себе. Тежнееме да бидеме како оние што останатите велат дека се „убави“. Набрзо, нашата душа слабее, волјата ни се намалува и целиот потенцијал да го разубавиме светот исчезнува.
Забораваме дека светот е онаков каков што го замислуваме. Престануваме да бидеме месечина и стануваме вирот во кој таа се огледува. Наредниот ден сонцето ќе ја исуши таа вода и нема да остави ни трага од нас. А сè тоа се случило затоа што некој некогаш ни рекол: „Ти си грд“ или „Таа е убава“. Со само три зборови успеале да ни ја одземат самодовербата што некогаш сме ја поседувале. И така стануваме грди и огорчени.
Во тој момент, пронаоѓаме утеха во тоа што се нарекува „мудрост“, во куп идеи што ги создале луѓето кои сакале да го дефинираат светот, наместо да ја почитуваат тајната на животот. Таа мудрост содржи непотребни правила, норми и мерила, чија цел е да воспостават одреден стандард на однесување. Според таа лажна мудрост, не би требало да се грижиме за убавината бидејќи таа е површна и минлива.
Но тоа не е вистина. Сите суштества создадени под сонцето, од птиците до планините, од цвеќињата до реките, го поседуваат чудото на постоењето. Доколку одолееме на искушението да им дозволиме на другите да одредуваат кои сме, тогаш, малку по малку, ќе бидеме во состојба да зрачиме со светлината на сонцето што се наоѓа во нашата душа.
Љубовта во минување ни кажува: „Никогаш порано не сум те забележала.“ На тоа нашата душа одговара: „Обрни повеќе внимание, бидејќи јас сум тука. Беше потребен ветер за да се тргне прашината од твоите очи, но сега кога ме препозна, немој повторно да ме напуштиш, бидејќи сите копнеат за убавина.“
Кој може да замисли жирафа без долг врат или кактус без иглички? Неправилните врвови на планините што нè опкружуваат е тоа што ги чини моќни. Кога би се обиделе да ги направиме еднакви, тие веќе не би буделе почит во нас. Токму тоа што делува несовршено, нè воодушевува и привлекува.
Кога ќе видиме кедар, никогаш не помислуваме: „Сите негови гранки треба да бидат со еднаква должина.“ Ние помислуваме: „Колку е силен!“ Кога ќе видиме змија, никогаш не велиме: „Таа лаза по земјата, додека јас чекорам со подигната глава.“ Наместо тоа, велиме: „Можеби е мала, но кожата ѝ е шарена, движењата елегантни и помоќна е од мене.“
Зајдисонцето е секогаш поубаво кога небото е обоено со облаци што имаат неправилен облик, бидејќи само така може да ги одрази различните бои што ги чинат сништата и стиховите на поетите.
Жалете ги оние што мислат: „Јас не сум убав/а. Поради тоа Љубовта не чукнала на мојата врата.“ Всушност, Љубовта чукнала – но кога ѝ ја отвориле вратата, не биле спремни да ја примат. Премногу се труделе да се направат себеси поубави, а во реалноста веќе биле добри токму такви какви што се.
Тие се обидувале да ги имитираат другите, но Љубовта барала нешто оригинално. Тие се труделе да одржуваат нешто што доаѓа однадвор, а заборавиле дека најсилната Светлина доаѓа однатре.
Можеби би сакале да прочитате и за инспиративните цитати од Пауло Коелјо кои ќе ве потсетат дека животот вреди да се живее.