Која е највисоката температура што човечкото тело може да ја поднесе?
Високите температури за време на летниот период можат да бидат крајно непријатни и за среќа бројот на денови со екстремни температури е ограничен, иако нивниот број се зголемува како резултат на климатските промени.
Едно истражување на НАСА во 1958 година ја воспоставило т.н. комфорна зона на температура која се движи помеѓу 4 и 35 степени целзиусови. Така, прашањето кое сме сигурни дека си го поставувате во моментот е: која е највисоката температура што човечкото тело може да ја издржи?
И покрај бројните истражувања, научниците сè уште не дошле до конечниот одговор. Голем удел во тоа колку човечкото тело е подготвено да ги издржи екстремните температури имаат облеката, физичките активности, протокот и влажноста на воздухот, но и можноста за засолнување од сонцето. При висока влажност на воздухот, човекот е изложен на ризик дури и на температура од 36 степени целзиусови, а во пустините каде воздухот е сув, луѓето можат да преживеат 10 минути на температура од 60 степени.
За да ја одржи телесната температура на 37 степени, организмот за време на високи температури го ослободува вишокот топлина преку испарување, односно потење. Но, ако релативната влажност е висока, потењето е побавно и лицето забележува дека надворешната температура е повисока од онаа која ја покажуваат термометрите.
Затоа, за утврдување на временската прогноза се користи т.н. индекс на топлина кој го користат американските и повеќето европски метеоролошки организации, почнувајќи од 1978 година.
Се смета дека на температура повисока од 54 степени целзиусови човечкото тело е потенцијална жртва на топлотен удар. Оваа форма на хипертемија може да се појави и на многу пониски температури, а може да биде предизвикана како резултат на употреба на дрога и алкохол. Меѓу другото, спортистите кои се натпреваруваат на отворено за време на високите температури можат да бидат изложени на ризик, а жртви на топлотен удар можат да бидат и децата кои се оставени во автомобили без клима уреди.
Топлотниот удар доведува до зголемување на телесната температура за само неколку минути, вртоглавица, крварење, колапс на кардиоваскуларниот систем, кома, а во најтешкиот случај и смрт.
Сепак, нема причини за страв сè додека консумирате доволно течности и избегнувате директно изложување на сонце за време на најтоплиот дел од денот.
Откако прочитавте за издржливоста на човечкото тело на високите температури, можеби ќе сакате да го прочитате и рецептот за витаминска вода за освежување и полесно справување со летните горештини.
Извор: nationalgeographic.rs