Кои се разликите и сличностите во стареењето кај мажите и жените?
Во средината на вашите 20-ти година од животот почнувате да забележувате одредени промени на телото. Не можете веќе толку добро да го издржите темпото на вечерни излегувања и пиење алкохол, не можете да седите до затворање на кафулињата или дискотеките, стомачето кое ви се појавило не се намалува со едноставна диета, туку веќе ви е потребно напорно вежбање. Но, не грижете се, тоа е сосема нормален процес и дел од животот на секој човек. Стареењето полека го зафаќа вашето тело, а тоа го забележувате преку некои знаци како што е мала брчка на челото, неколку седи влакна, испакната вена на ногата или долг мамурен ден по ноќта мината со пријателите. Иако на почетокот ќе ви биде малку тешко да го прифатите тоа, со текот на времето ќе се соочите со овој природен процес.
Но, мажите и жените не стареат на ист начин. На пример, кожата кај мажите потешко подлегнува на притисокот на годините бидејќи е подебела, додека пак жените имаат поздраво срце. Мажите кога ќе наполнат 22 или 23 години, кај нив мускулната маса почнува да се намалува за 2 до 5 проценти на секои десет години. Плодноста кај жените се намалува по нивната 30-та година. Во просек, една жена во 30-тите години, месечно има само 15 до 20 проценти можност да забремени. Кај мажите кои наполниле 30 години им се намалува можноста на телото да презема кислородот од крвта, се зголемува холестеролот, се покачува крвниот притисок, а на ѕидовите од нивните крвни садови почнуваат да се создаваат масни наслаги.
Жените на почетокот од своите 40-ти години, стареењето најмногу ќе го забележат на своето лице кое почнува да ја губи еластичноста, кожата изгледа нерамно, носот се спушта надолу, а усните губат од својот волумен. Исто така, жените, вообичаено околу 50-тата година влегуваат во менопауза. Овој процес, трае околу 12 месеци или повеќе, во зависност од индивидуата, и го претставува крајот на плодноста. Повеќето мажи во истиот период почнуваат сами од себе да губат тежина, а тоа значи кај нив се намалува и мускулната маса.
Секако има и некои неверојатни сличности. По 60-тата година и двата пола забележуваат значителна загуба на видот, поради што мора да користат очни помагала. Исто така, мажите почнуваат да губат голем дел од својата коса, а тоа не е редок случај и кај жените. Но, дали сте знаеле дека, спротивно на популарното мислење, и мажите имаат свои биолошки час и тој почнува да отчукува по 40-тата година од животот?
По четвртата деценија, спермата значително губи од својот квалитет, а бројот на сперматозоиди се намалува, што секако влијае врз плодноста, а поголеми се шансите децата да имаат одредени психолошки проблеми. Но, и кај мажите и кај жените се појавува голем наплив на креативност по нивната 60-та година. Иако, ние луѓето не можеме да го сопреме процесот на стареење, сепак со некои одлуки во нашиот живот, можеме стареењето да го забавиме и да го направиме поквалитетно. Начинот на којшто живееме во текот на 20-тите и 30-тите години, во голема мера влијае на тоа какво здравје ќе имаме во позрелиот период.
Но, сепак треба да бидеме благодарни што нашиот животен век, денес, во просек е околу 79 години. Не заборавајте дека луѓето пред 19-тиот век живееле до 30 години. Денес, ние имаме речиси 80 години можност да патуваме, да се заљубуваме, да гледаме како растат нашите деца и нашите внуци, да си избереме ново хоби, целосно да го смениме животот и да правиме едноставно сè што сакаме. Затоа изберете здрав живот, здрава храна, прошетки, дружења и едноставно уживајте во вашите години, затоа што тие се само ваши! Погледнете го видеото и дознајте некои факти за стареењето на мажите и жените, кои можеби не сте ги знаеле до сега.