Кои се омилените боја и број на повеќето луѓе?
Кажете една боја, првата на којашто ќе помислите. Сега, одберете еден број помеѓу 0 и 9.
Ако сте како повеќето луѓе ширум светот, најверојатно сте помислиле на сина боја и бројот 7. Всушност, голем број истражувања од целиот свет покажале дека луѓето настојуваат да ја одберат комбинацијата сина и 7 толку често, што оваа појава има и свое име – феноменот сина-седум.
Се разбира, вашиот одговор можеби не бил ниту сина, ниту 7. Не сите луѓе го одбираат тоа, но поголемиот број спаѓаат овде. Всушност, првото истражување кое го идентификувало феноменот било спроведено во 1971-ва година во САД. Резултатите покажале дека 40% од луѓето ја одбрале сината боја, а 30% бројот 7. И двата избора им биле омилени и на испитаниците во истражувањата спроведени во Кенија и Австралија.
Веројатно се прашувате зошто е ова вака. Професорката и истражувач Михо Саито ги разгледала постоечките податоци и предложила неколку објаснувања во нејзино истражување спроведено со студенти од Јапонија. Во ова истражување, 37% од испитаниците ја одбрале сината боја, а 22% го одбрале бројот 7.
Излегло дека бројот 7 не се смета за табу во ниту една култура, па можеби ова е едно од објаснувањата. Испитаниците одбирале бои кои се поврзани со чувства на задоволство и кои ги опишувале како светли. Црвената – уште една убава и светла боја, и белата, биле исто популарни избори, кои биле опишани како чисти, неутрални и светли.
Кога Михо ги прашала испитаниците зошто го одбрале бројот седум, открила дека бројот се сметал за среќен и претставувал среќа. Таа исто така открила дека луѓето ги преферираат непарните броеви, односно 68% од испитаниците кажале непарен број.
Исто така, се појавила и разлика помеѓу половите. Мажите го одбирале бројот 1 почесто од жените, со објаснување дека тој претставувал дека се „број 1“ или најдобри. Жените го одбирале бројот 5 почесто од мажите, со објаснување дека им се допаѓала формата, ги потсетувал на роденден и слично.
Михо планира дополнително да истражува за да открие дали изборот е внатрешен, или е последица од опкружувањето и културата.
Дознајте и што кажува вашата омилена боја за вашиот карактер.