Кога почнав да се сакам себеси – Чарли Чаплин
Се претпоставува дека поемата „Кога почнав да се сакам себеси“, Чарли Чаплин ја напишал на својот 70-ти роденден, на 16 април 1959 година.
Кога почнав да се сакам себеси,
сфатив дека секогаш и во секоја прилика
сум на вистинското место, во вистинското време,
и дека сè што се случува е така како што треба да биде.
Оттогаш можам да бидам спокоен.
Денеска знам: тоа се нарекува ВЕРБА.
Кога почнав да се сакам себеси,
сфатив колку може да биде навредливо за некој
кога се обидувам да му ги наметнам моите желби,
иако знам дека моментот не е вистински и дека таа личност не е подготвена за тоа,
па дури и тогаш кога таа личност сум јас.
Денеска знам: тоа се нарекува ПОЧИТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
можев да препознаам дека емотивната болка и страдањето
се предупредување да не живеам против сопствената вистина.
Денеска знам: тоа се нарекува АВТЕНТИЧНОСТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
престанав да копнеам за друг живот
и можев да видам дека сè околу мене беше повик за растење.
Денеска знам: тоа се нарекува ЗРЕЛОСТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
престанав да се лишувам од моето слободно време,
престанав да планирам грандиозни проекти за иднината.
Денеска го правам само она што ми причинува задоволство и радост,
она што го сакам и заради кое моето срце се смее.
Го правам на мој начин, со мое темпо.
Денеска знам: тоа се нарекува ИСКРЕНОСТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
побегнав од сè што не е здраво за мене,
од јадења, луѓе, работи, ситуации…,
од сè што ме влечеше надолу и ме оттргнуваше од самиот себе.
На почетокот тоа го нарекував „здрав егоизам“,
но денеска знам: тоа е ЉУБОВ КОН САМИОТ СЕБЕ.
Кога почнав да се сакам себеси,
престанав да сакам секогаш да сум во право,
а на тој начин помалку грешев.
Денеска знам: тоа се нарекува СКРОМНОСТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
одбив да живеам во минатото
и да се грижам за мојата иднина.
Живеам овде и сега.
Денеска знам: тоа се нарекува СВЕСТ.
Кога почнав да се сакам себеси,
видов дека моите мисли
можат да ме направат мизерен и болен.
Но, кога моите мисли побараа сила од срцето,
мојот ум доби важен партнер.
Денеска знам: тоа се нарекува МУДРОСТ НА СРЦЕТО.
Кога почнав да се сакам себеси,
сфатив дека нема потреба да се плашиме од дискусии, конфликти и проблеми,
бидејќи дури и ѕвездите понекогаш се судираат,
но потоа создаваат нов свет.
Денеска знам: тоа се нарекува ЖИВОТ.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Prekrasno…vozdiska:)
Extra
ednostavno ……………carli caplin 🙂
ZA DA NE SE ZABORAVIME VO MINATOTO DA NE JA PRESKOKNEME SEGASNOSTA I DA NE ZIVEEME VO PLANOVI ZA TOA STO KE BIDE A MOZE I NEMA……SO POCIT I SO NASMEVKA))))))))))