Кое е најстарото езеро во светот?
Сместено на Сибир, Бајкалското Езеро е најголемото и најстарото езеро на светот. Сепак, во последните години се почести се предупредувањата на научниците кои тврдат дека неговиот опстанок е загрозен како резултат на климатските промени.
Најголемата длабочина на Бајкалското Езеро изнесува 1.741 метар, а езерото е поголемо по волумен и од сите Големи езера во Северна Америка. Освен тоа, повеќето геолози се согласуваат дека тоа е старо најмалку 25 милиони години и е создадено како резултат на судирот меѓу сибирската платформа и тектонската плоча така што настанала пукнатина меѓу нив. Имено, и денес во овој регион се чувствуваат многубројни земјотреси.
Опкружено со шуми, езерото го носи епитетот „Галапагос на Русија“. Од 2.000 растителни и животински видови кои го населуваат, речиси половина се ендемични. Од нив се издвојува прстенестата фока, единствениот слатководен вид фоки во светот. Друга карактеристика на ова езеро е тоа што под него има хидротермални отвори богати со минерали.
За време на зимскиот период, површината на езерото се претвора во мраз чија дебелина може да достигне и до 2 метри. Поради неговата природна убавина и ефектите од различните природни феномени, Бајкалското Езеро со векови се нарекува „свето езеро“, а еден од неговите острови, островот Олкон претставува религиозен центар на племето Бурјат со бројни тотеми со шарени ленти.
Во последните години научниците предупредуваат дека опстанокот на езерото е загрозен како резултат на климатските промени и прекумерниот риболов. Пресметките на метеоролозите покажуваат дека до 2100 година температурата на езерото ќе се зголеми за 4,5 степени, што ќе доведе до падот на нивото на кислород во водата и ќе го загрози опстанокот на неговите жители.
Откако прочитавте за најстарото езеро во светот, можеби ќе сакате да прочитате и кои се 5-те најголеми езера во светот.
Извор: nationalgeographic.rs