Книга: „Жената на војникот“ – Џоана Тролоп
После службата во Авганистан, Ден Рајли се враќа дома кај своето семејство. Но колку лесно ќе биде прилагодувањето на нормалниот живот после хоророт на војната?
Наслов на оригиналот: The soldier’s wife – Joanna Trollope
Џоана Тролоп е англиска писателка чие име стои на многу бестселери. Најчесто пишува за жената во модерниот свет, семејните проблеми и животот на средната класа. Покрај тоа што е одлична новелистка, Тролоп е позната и по многуте добротворни и хуманитарни акции. Во своите новели таа покажува огромна писателска зрелост, познавање на човековата психа и начин на размислување, а неретко приказните ги пренесува фокусирајќи се и на најмали детали.
Со новелата „Жената на војникот“, Тролоп уште еднаш покажува дека умее да ги разбере предизвиците во едно семејство и притисоците кои се јавуваат во одредени моменти. Овој пат одбира тема која лесно допира до многу срца, фокусирајќи се на прилагодувањето на нормалниот живот после ужасите кои ги носи војната.
Синопсис
После 6 месеци воена служба во Авганистан, Ден Рајли се враќа во својот топол и удобен дом, кај својата прекрасна жена и децата кои му значат сè на светот. Секако, тука е и неговиот миленик, верното куче Битл кое исто како и другите со нетрпение го очекува. Ужасите се завршени, тој е на безбедно во својот дом, кај своите најмили и конечно може да му се врати на нормалниот живот, а на добар пат е да добие унапредување на работното место. После сите хорори кои ги носи војната, враќањето дома наликува на одење во рајот, но дали навистина е така?
Неговата жена Алекса го обожува, но е ставена пред голем предизвик. Таа не може да допре до срцето на својот сопруг. Тој одбива да ја отвори пред неа својата душа, да се олесни и да ѝ раскаже макар дел од стравотиите и ужасите низ кои поминал. И покрај тоа што се врати дома, Ден Рајли не го остава зад себе војничкиот живот, и продолжува да биде многу посветен на својата работа.
Изабел, најстарата ќерка на Алекса, чувствувајќи се отфрлена почнува да краде и да бега, посакувајќи да добие повеќе внимание. Како паметна и образована жена, на Алекса понудена ѝ е работна позиција каква што отсекогаш посакувала, но таа е свесна дека нема да може да ја прифати во период кога во нејзиното семејство има толку многу нешта со кои треба да се справи.
Колку жената е подготвена да се жртвува за благосостојба на своето семејство? Колку може мажот кој поминал низ тешки мигови, ја почувствувал бедата која ја носи војната, кој одблизу ги видел сите нејзини ужаси и стравотни настани, да се приспособи на секојдневието на едно нормално семејство од средната класа?
Лична критика
Книгата ја добив како подарок, а придружена беше со ветување дека многу ќе ми се допадне, што не беше далеку од вистината. Пред сè би ја окарактеризирала како зрело писателско дело, исполнето со концизно раскажување кое на читателот му дава целосна слика за настаните. Тролоп ненајавено ќе ве врати во минатото на ликовите за потоа повторно да ја врати сликата од сегашноста. Јас лично ги обожувам таквите писателски стилови бидејќи бараат од тебе целосно да ѝ се посветиш на книгата. Со прости зорови, нема да заспиете додека ја читате.
Иако неретко како тема и инспирација кај многумина автори се јавува животот во војната, Тролоп претставува една друга слика – животот после војната, опишувајќи ја транзицијата кон нормалниот живот. Опишува како едно семејство се справува со враќањето во нормала, а повеќе се задржува на товарот кој жената го има во целата ситуација. Но баш напротив, тоа не значи дека книгата би им се допаднала само на дамите.
Кога би требало да наведам негативна критика, би го споменала недостатокот на чувства. Можеби на моменти сето тоа изгледа како сувопарно раскажување, а човекот кој се враќа од војна и семејството кое го пречекува тој човек, имаат многу чувства кои би требало да бидат подробно опишани.
Книгата е релативно нова па сè уште нема македонски превод, но се надевам дека набрзо ќе излезе и верувам дека ќе уживате читајќи ја.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.