Книга: „Смртно вљубена“ – Федерика Боско
Пристигна Бриџит Џонс на италијански начин
Наслов на оригиналот: Mi Piaci Da Morire – Federica Bosco
Федерика Боско е родена во Милано во 1971, а на 4-годишна возраст се преселила во Фиренца. После нејзината авантура на пат околу светот, кон средината на 90-тите се враќа назад во Фиренца пробувајќи да се пронајде себеси во одредена професија и да започне да гради кариера.
„Смртно вљубена“ е нејзината прва книга, издадена во 2005. После тоа следуваат и две продолженија на истата, насловени како „Љубовта ме води“ и „Љубовта не е за мене“. Федерика е талентирана авторка со висок степен на јазична зрелост. „Смртно вљубена“ има македонски превод, кој е навистина добар и умешно ги доловува сите комични ситуации во оваа приказна.
Синопсис
Моника е Италијанка која се сели во Америка сакајќи да го промени својот живот на подобро. Таа живее со своите цимери, несекојдневната и откачена Сандра, која сонува да има успешна музичка кариера, и Марк којшто е опишан како типичен геј-лик од филмовите. Но набрзо откако пристигнува во Америка сфаќа дека животот не е како во американските филмови. Таа ниту успева да склопи пријателства како во серијата „Пријатели“, ниту пак го живее животот на Џенифер Лопез. Таа работи кај две стари и здодевни тетки, а љубовта одамна не ѝ оди од рака.
Моника го запознава Англичанецот Едгар, кој има издавачка куќа и е заинтересиран за книгата која таа почнала да ја пишува. Нивниот навидум професионален однос се претвора во искри жар меѓу нив. Но не е сè така сјајно. Едгар се плаши од обврски и тешко може да се врзе после страшната несреќа на неговата поранешна сопруга, а Моника ќе има проблем во процесот на осамостојување и со сфаќањето дека секој е одговорен за своите постапки и за сопствената среќа, дека мора да созрее, да престане да се сожалува и да ја преземе работата зрело во свои раце.
Лична критика
Да, книгава спаѓа во чик-лит и е поистоветувана со урнебесната комедија за тромавата баксузна девојка Бриџит Џонс. Да, навидум нејзината содржина изгледа доста плитка. Моника е типична девојка која доаѓа во Америка да го оствари својот сон за одеднаш да добие ладен удар од суровата вистина дека ништо не е како во филмовите. По некој љубовен проблем, другар кој е геј… можеби тоа е и повеќе од типично и очекувано.
Но книгава ќе ве насмее до солзи, верувајте. Начинот на раскажување на Боско е просто урнебесен. Доколку имате потреба од ослободување на умот после испитите, „Смртно вљубена“ е совршен избор. Нема да можете да ја оставите откако еднаш ќе ја отворите, ќе ја прочитате во еден здив, и ќе бидете анимирани од комичниот начин на раскажување.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.