Книга: „Сè што премолчавме“ – Марк Леви
Колку е нераскинлива врската меѓу таткото и ќерката? Има ли грешки коишто никогаш не се простуваат?
Наслов на оригиналот: Toutes ces choses qu’on ne s’est pas dites – Marc Levy
За разлика од поголемиот дел од писателите кои тврдат дека отсекогаш знаеле дека животот ќе го посветат на пишувањето книги, Марк Леви својот професионален пат го има изградено во сосема поинаков правец. На млади години започнал да работи за „Црвен крст“ паралелно студирајќи менаџмент и компјутерски науки за подоцна да основа фирма за графички дизајн. Неколку години подоцна тргнува во друга насока формирајќи успешна компанија за внатрешен дизајн за потоа, на 37 години да ја напише својата прва книга и уште еднаш, за последен пат целосно да ја смени својата кариера и да стане посветен писател.
Неговото прво дело „If only it were true” доживеа и филмска адаптација под режисерската палка на Стивен Спилберг, а денес неговите книги се преведени на повеќе од 42 јазици. Роден е во Франција, а моментално живее во Њујорк.
Синопсис
Кога 30-годишната Џулија добива повик од личниот секретар на нејзиниот татко од кој нема слушнато година дена, се наоѓа во продавница за венчаници и се спрема за нејзината свадба. Но повикот е малку поинаков од оној што го очекува, нејзиниот татко Ентони Волш, не само што нема да присуствува на нејзината свадба туку пронашол и совршен изговор – мртов е! Па така, наместо свадба и патување, Џулија викендот го поминува депресивна, осамена и гневна благодарение на долгите години поминати во караници и несогласувања со нејзиниот татко и фактот дека никогаш вистински не го запознала. Но, наскоро дознава дека иако е можеби тажна и лута, сепак нема да биде осамена. Џулија добива огромна пратка, а во кутијата, последното нешто што некогаш би го очекувала.
Можноста да го врати изгубеното време, шансата да се надоместат сите изгубени моменти и сите пропуштени разговори и совети е пред неа и тоа на најневозможниот начин кој постои. Џулија добива подарок, изненадување, можеби дури и некој вид казна, 6 дена кои ќе ѝ го променат животот, 6 дена кои засекогаш ќе го променат сеќавањето за нејзиниот починат татко. Патувањето на кое ќе ја одведе, љубовта која за првпат вистински ќе ја почувствува и тајната која конечно ќе биде откриена, ја прават оваа приказна вистински емоционален ролеркостер – забавен, непредвидлив и потресен од момент во момент.
Лична критика
Односот меѓу родителите и децата е секогаш интересна тема за читање особено затоа што многу често се пронаоѓаме во сите тие емотивни приказни и сплетки. Иако главните ликови се татко и ќерка кои добиваат неверојатна шанса да ја поправат својата врска и грешките од минатото, мислам дека со книгава ќе се поврзе секој кој изгубил драга личност и посакувал да има барем момент плус за збогување.
Ние луѓето знаеме да бидеме премногу гневни, премногу огорчени и разочарани и неверојатно е колку знае да ни биде тешко едноставно да разговараме со нашите најблиски. А оваа книга не потсетува токму на тоа, изгубените моменти не се враќаат, неизговорените мисли другите никогаш нема да ги дознаат, а поттиснатите чувства се само фрустрација која постојано расте.
Ова е првата книга која ја прочитав од Марк Леви и морам да кажам дека е навистина талентиран автор со прекрасен стил на изразување. Ми се допаднаа интересните и зајадливи разговори помеѓу Џулија и нејзиниот најдобар пријател Стенли и интелигенцијата, но и суровоста која се чувствува низ коментарите на Ентони. И секако, моментот на изненадување со кој Марк го вовлекува читателот во приказната и го држи внесен во страниците до самиот крај.
Ова е приказна за одлуките и изборите кои мораме да ги направиме, за љубовта за која никогаш не е доцна да се обидеме да ја добиеме назад, за вината која е неизбежна со секој избор што родителите го прават за своите деца и конечно за фактот дека секогаш ќе бидеме нечиви чеда без разлика на тоа каде ќе нè однесе животот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Прекрасна книга, топло ја препорачувам на сите што сакаат семејни драми, романтики и опуштени и убави романи 🙂
samo sto ja docitav preubava , za mladi i za povozrasni a osobeno za roditeli i te potsetuva deka nikogas nee kasno da si gi iskazes nedorecenite zborovi , i da se pokaes za storenite greski – ne namerni
ubava kniga, ja preporacuvam